ШАХ – ЕП ЗА МЛАДИ, ТРЕТО КОЛО
Вкупно шест поени од 11 можни е епилогот во третото коло на 11-те македонски претставници, од кои шест шахисти во пет возрасни категории (10, 12, 14, 16, 18 год.) и пет шахистки во три возрасни категории (12, 14, 16 год.), на Европското првенство (ЕП) за млади во Анталија (Турција).
Засега кај момчињата најуспешен е Антон Златков (2.107, рејтинг-поени, рангиран 45-ти пред почетокот на турнирот), кој во категоријата до 16 години е на 27-то место, со два поена (две победи и еден пораз) меѓу 103 шахисти, а кај девојчињата Моника Жежовска (1.654, рангирана 29-та), која со 1,5 поен (по една победа, пораз и реми) е на 35-то место (категорија до 14 години) меѓу 76 шахистки.
Во ова коло победи остварија Андреј Иванов (засега има еден поен) и е на 89-то место, Антон Златков, Ивана Велкоска (еден), на 76-то, и Михаела Зрмановска (еден), на 56-то. Ремизираа Никола Петровски (0,5), на 79-то место, Кристијан Лазовски (0,5), на 92-то, ФМ Емил Ристески (1,5), на 35-то, и Инџи Ајрадиноска (0,5), на 69-то, а загубија Леонид Петрески (еден), на 55-то место, Наде Смилевска (еден), на 65-то, и Моника Жежовска (1,5). На ЕП за млади во сите категории играат вкупно 1.001 учесник (од 46 држави), од кои 17 ИМ, 5 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ. Г.И.