Фото: Емил Јовановиќ

Абдусаторов ремизира со Аронијан и го задржа водството на врвот, со шест поени, а нерешено одиграа и најблиските конкуренти Гири и Со. Карлсен го победи поранешниот претендент за светската титула Каруана

ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.859 рејтинг-поени), со црни фигури ја забележа третата победа на еден од најстарите и престижни турнири во светот, во Вајк ан Зе (Холандија), на мечот со Американецот и поранешен претендент за титулата светски шампион, Фабијано Каруана (2.766), кој се предаде во 33-от потег. Карлсен во отворањето Руи Лопез (затворена варијанта) ја искористи грешката на Каруана во средишницата, останувајќи со една фигура повеќе, што беше лесна цел за него.
Победи, први на турнирот, кој е со силина од 20-та категорија (просечен рејтинг на играчите 2.741 поени), остварија и Холанѓанецот Жорден ван Форест на мечот со Индиецот Арјун Еригаиси (19 години), Романецот Ричард Рапорт со Индиецот Рамешбабу Прагнананада (17) и Индиецот Домарају Гукеш (16) со Иранецот Пархам Магсодлу (22).
Водечкиот на табелата, Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (18), кој има четири победи, ремизира со Американецот Левон Аронијан во 31-от потег во отворањето Руи Лопез (варијанта Берлин) и го задржа водството на врвот на табелата, со шест поени. Половина поен освоија и Холанѓанецот Аниш Гири на дуелот со Германецот Винсент Кејмер (18) и Американецот Весли Со против годинашниот претендент за светската шаховска титула, Кинезот Динг Лирен.
Карлсен има најмногу триумфи на овој турнир, осум (во 2008, 2010, 2013, 2015, 2016, 2018, 2019 и во 2022 година). По вториот слободен ден во понеделникот, до крајот на годинашниот турнир остануваат уште пет возбудливи кола.
Табела: Абдусаторов шест поени, Гири и Со по пет, Аронијан, Прагнананда, Каруана и Карлсен по 4,5, Лирен четири, Рапорт и Магсодлу по 3,5, Еригаиси и Ван Форест по три, а Кејмер и Гукеш по 2,5. Г.И.