По успешното завршување на Европското првенство во забрзан, брз и во Фишеров шах, до 17 декември ќе трае традиционалниот меѓународен турнир „Опен Скопје 2024“ во класичен шах, кој е поделен на турнири А и Б

Со свеченото отворање и одигрувањето на првото коло од предвидените девет на традиционалниот меѓународен турнир „Опен Скопје 2024“, продолжуваат деновите на шахот во Македонија. По успешното завршување на Европското првенство во забрзан, брз и во Фишеров шах, до 17 декември ќе трае овој турнир во класичен шах (90 минути плус 30 секунди по секој потег), кој е поделен на турнири А и Б. На А-турнирот има 97 учесници (11 ВМ, три ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, осум ФМ, 2 ЖФМ) од 16 земји. Прворангиран, како и лани, е ВМ од Азербејџан Елтај Сафарли (2.610), а од Македонија ИМ Никола Николовски (2.407, 11-ти). Кај шахистките тоа е ФМ од Грција Анастасија Аврамидоу (2.298, 19-та), а Македонка е ЖФМ Ивана Манова (2.059, 43-та).
На турнирот Б (рејтинг до 2.000 поени) има вкупно 136 учесници (по еден ИМ и ЖФМ) од девет држави. Прворангирана е ЖФМ од Русија Елена Димитрова (1.998), македонски претставници се младиот Стефан Мелник (1.937, петти) и Инџи Ајрадиноска (1.805, 30-та). Наградниот фонд на турнирот А е 7.400 евра (за победникот 2.000), а на турнирот Б 2.900 (за првакот 600 евра). Партиите почнуваат од 17 часот (утре и задутре ќе се играат по две кола).
Лани на турнирот А меѓу 128 учесници од 20 држави (14 ВМ, еден ЖВМ), победи македонскиот ВМ Евгени Романов, кој тогаш уште ги бранеше боите на Норвешка, со 7,5 поени, а најуспешен Македонец беше Николовски, кој со 5,5 поени беше на 22-то место. Кај шахистките најдобра беше ЖИМ Триша Канјамарала од Ирска со 5,5 поени (вкупно 29-та), а од Македонија Манова, која со 4,5 поени беше 73-та. На турнирот Б имаше 169 учесници од 13 земји, победи Фахрудин Халиловиќ од БиХ со осум поени, а најдобар Македонец беше Зоран Костадиновски (седум поени, петти). Кај шахистките прва беше Кристила Роусеау од Белгија со шест поени (вкупно 23-та), а македонска претставничка Еф­товска, која со 5,5 поени вкупно беше на 38-то место. Г.И.


Победници на неколку  претходни турнири

2018 г. ИМ Филип Панчевски
2019 г. ИМ Никола Николовски
2020 г. ВМ Борко Лајтхајм
2021 г. ИМ Никола Николовски (брз шах)
2021 г. ВМ Горан Тодоровиќ
(забрзан шах)
2022 г. ВМ Вугар Расулов
2023 г. ВМ Евгени Романов
2024 г. ?