Далин го урна претходниот рекорд за повеќе од девет дена, откако ја помина патеката за 64 дена, 19 часа и 22 минути
Францускиот морепловец Шарли Далин победи на трката околу светот со рекордно време, завршувајќи го своето соло-патување за помалку од 65 дена, речиси 10 дена побрзо од претходниот рекорд, откако не победи во претходното издание пред четири години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Далин прв ја помина целта во 2021 година, по 80 дена на море, но Јаник Беставен го освои трофејот откако доби временски бонус за помош во спасувањето друг натпреварувач, пишува АП. Далин (40) го урна претходниот рекорд на Армел Ле Клеак за повеќе од девет дена, победувајќи на исцрпувачкиот настан за 64 дена, 19 часа и 22 минути.
– Никогаш не сум доживеал такви емоции. Дневната светлина почна да се пробива, беше неверојатно – рече Далин по пристигнувањето на целта во Ле Сабле д`Олон, приморско пристаниште на брегот на Атлантикот во западна Франција, кое служи и како почеток на трката.
Ле Клеак го постави претходниот рекорд во 2017 година, за 74 дена, три часа и 36 минути. Трката се одржува секои четири години со морнари што се натпреваруваат сами и без помош на нивните чамци. Далин, дипломиран на поморска архитектура на Универзитетот во Саутемптон, ја водеше флотата вкупно 42 дена и постојано беше во водство од 30 декември, пишува АП.
Трката ги носи морнарите околу `Ртот Добра Надеж во Јужна Африка, `Ртот Ливин во западна Австралија и `Ртот Хорн во Јужна Америка, вкупно околу 44.500 километри. Покрај второто место на оваа трка во 2021 година, Далин беше второпласиран на трансатлантска трка во 2022 година од Франција до Карибите, пишува АП. Н.М.