Нерешено е и по вчерашната 10-та партија од мечот за светска шаховска првенка помеѓу актуелната шампионка Ју Венјун од Кина и нејзината сонародничка Леи Тингџи, во Чонгкинг (Кина), која заврши со реми. Белите фигури во оваа партија ги имаше Венјун, а поделбата на поенот беше постигната по 47 потези. Во досегашните 10 партии Тингџи победи во петтата, а Венјун во осмата партија. Резултатот сега е 5-5, денеска е слободен ден, а за утре и за в сабота се предвидени последните две партии од регуларниот дел, во класичен шах.
Ако биде нерешено по 12-та партија, в недела ќе се играат дополнителни партии со забрзано темпо на игра, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Победничката на дуелот за планетарна првенка ќе заработи 300.000 евра, 200.000 вицешампионката, а ако дуелот се реши со дополнителни партии со забрзано темпо на игра наградите се 275.000, односно 225.000 евра, пишува ФИДЕ.