Фото: Игор Бансколиев

Владата наведува дека главната цел поради која се прават овие амандмански интервенции во Уставот е да се зајакне мултиетничкиот карактер на државата, за веќе во следната реченица на образложението да потврди дека Македонија е најдобриот пример за „функционална мултиетничка демократија во регионот и во Европа“. Она што веднаш паѓа в очи е парадоксот дополнително да се зајакнува нешто што веќе е силен и моќен пример за Европа и светот, бидејќи земјава покажа дека е функционално мултиетничко општество и претходно, дури и со векови

Контрадикторно владино образложение за потребата од уставни измени
Парадоксот на унитарноста
наспроти мултиетничноста

По речиси два месеца откако Работната група за уставни измени ги достави до Владата предлог-решенијата на уставните амандмани со кои треба да се регулира внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот устав, тие конечно се доставени до Собранието и почнува да тече законската процедура што е предвидена при промена на највисокиот правен акт во државата.
Во согласност со законот, 30 работни дена од денот на влегувањето во собраниска процедура на предлогот за уставни измени треба да се гласа за утврдување на потребата за промена на Уставот, за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Парадокси и во владиното образложение

Владата на 171-та седница, која ја одржа завчера, под точката 48 ја разгледа информацијата со предлогот за уставните измени, го утврди предлогот и го достави до Собранието, во чија надлежност понатаму се уставните измени.
– Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно во формулацијата: „Граѓаните на Република С. Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“ – соопштија од Владата.
Во владиното образложение околу потребата да се направат уставни измени се наведува дека на тој начин ќе се зајакнел мултиетничкиот карактер на државата.
– Со предложените уставни измени се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република С. Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Им покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес, и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност. Република С. Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО, да биде и полноправна членка на Европската Унија – се појаснува во образложението.
Многу недоследности и контрадикторности има во владиното образложение во врска со потребата да се направат уставни измени, односно да се внесе бугарското малцинство, што само по себе говори дека станува збор за изнасилена, не добро промислена операција, наметната под притисок, спротивна на сите меѓународноправни практики и генерално на постулатите на ОН, секоја држава самостојно да може да одлучува за сопствените правно-политички акти.
Имено, Владата наведува дека главната цел поради која се прават овие амандмански интервенции во Уставот е „да се зајакне мултиетничкиот карактер на РС Македонија (односно на државата, што е катастрофална грешка! Државата РСМ воопшто нема карактер на мултиетничка, туку македонското општество е мултиетничко, што е суштинска разлика. Владата мора да знае да направи разлика на тие две категории, кои се суштински за одредувањето на карактерот на нашата држава!).
Понатаму, веќе во следната реченица на образложението се потврдува дека Македонија е најдобриот пример за „функционална мултиетничка демократија во регионот и во Европа“. Она што веднаш паѓа в очи е парадоксот дополнително да се зајакнува нешто што не само што е доволно цврсто и јако туку веќе е силен и моќен пример за Европа и светот, бидејќи земјава покажа дека е функционално мултиетничко општество и претходно, дури и со векови. Така што, според експертите, „…несоодветен е терминот ’зајакнување’, туку соодветен е терминот ’проширување’ со други етнички заедници, односно малцинства“, а тоа е сосема нешто друго и како форма и како суштина…

Македонија е светски пример како се негуваат малцинските права

Згора на тоа, нелогично е да се зборува за зајакнување на мултиетничкиот карактер на државата бидејќи таа како таква не може да биде мултиетничка, туку претставува институционален систем преку кој сите граѓани ги остваруваат сопствените права и на тој начин се отсликува општествената, а не државната мултиетничност. Токму затоа, наместо да се зборува за зајакнување на мултиетничкиот карактер на државата, треба да се зборува за дополнување на Уставот со одредени малцински заедници што досега биле формулирани под ставката „други“ и кои, без оглед на ваквата формулација, и досега ги уживаа сите малцински права во согласност со меѓународните конвенции за малцински права. Дури и многу повеќе од тоа. Истовремено, тоа подразбира и обврски од сите малцински заедници во земјава како уживатели на највисоките права, кога веќе државата се грижи за нив, тие да го почитуваат унитарниот карактер на државата, нејзиниот суверенитет, државните симболи, како и да го уважуваат македонскиот народ како носител на суверенитетот и државноста и себеси како контрибутори на таа државност рамо до рамо со Македонците. Ист однос треба да имаат и кон македонскиот јазик како единствен официјален јазик во државата и главно средство за меѓусебна комуникација. Со ваквиот однос од страна на секоја малцинска заедница, вклучувајќи ја и бугарската, ќе се зајакнуваат мултиетничкиот карактер на општеството и унитарноста на државата.

Унитарноста е она што треба да се зајакне!

Со владините аргументи во образложението за потребата од уставни измени, всушност, државата како сама да кажува дека не е добра во практикувањето на мултиетничноста, па мора дополнително да ја зајакнува, иако и Европа и САД јасно ставија до знаење дека Македонија е отидена многу понапред и од многу европски земји.
Вистинска поента во образложението за уставни измени би било доколку уставните измени се прават исклучиво да се зајакне – унитарноста на државата!
Во амандманските интервенции треба педантно, прецизно, меѓународноправно издржано, политички и јазично да се потенцира унитарниот карактер на државата, каде што македонскиот народ ќе биде носител на државноста!
На тој начин, преку враќање на државата на македонскиот народ, ќе се направи сеопшта кохезија на сите атрибути што се одлика на една демократска држава и на едно вистински мултиетничко општество. Со овој нејасен хибриден модел ниту „народот“, ниту „деловите од народи“ не знаат (збунети се) кој носи права, а кој обврски како носител на државност; кој има права, а кој обврски како малцинство (етнички ентитет или дел од народ), до каде се протегаат маргините на меѓународноправно утврдените правила и принципи на колективитетот на кој припаѓа индивидуата во рамките на позитивниот правен систем на државава. Едноставно да знае што ужива, а што треба да бара одредениот колективитет. Вака како што стојат работите, сите се народи и сакаат да ги уживаат сите права на државотворни народи, што е нонсенс. Тоа е формула за една сложена држава (федерација или конфедерација), но и рецепт за распад на една унитарна (т.н. проста) држава. Токму во една ваква констелација, како што имаме сега за Македонија, се поттикнува раѓање на (болните) амбиции (на поединци и групи) за менување на карактерот на Македонија, за системска политичкоправна реконфигурација, за прекројување граници, за отцепување, за припојување итн. Затоа, решително треба да им се стави крај на недореченостите и нејаснотиите во Уставот!
Актуелниот воведен текст во преамбулата „Граѓаните на РСМ, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ…“ е правно неиздржан, бидејќи оперира со термини што се неприменливи во меѓународноправната практика и затоа во ниту еден устав во светот нема вакви уставноправни девијации, направени исклучиво под притисок на една малцинска заедница во земјава и издејствувани со терористички активности и воени дејства. Изменет устав под притисок и насила едноставно се смета за правно невалиден.
Следејќи ги меѓународноправните практики и искуствата со уставите на најразвиените демократски држави, логично преамбулата на македонскиот устав би требало да се врати во рамките на она што значи меѓународен поредок и, поставена врз тие постулати, би требало да започне на следниот начин: Република Македонија водена од стремежите на повеќевековната борба за сопствена држава, овековечени низ Илинденското востание и АСНОМ, се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и на сите малцински заедници што живеат во неа, сочинети од Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Евреи, Словенци, Египќани и други.
Ваквиот пристап значи враќање кон Повелбата на ОН, во која јасно се наведува дека токму националните држави во кои има еден носечки народ се гарант за светскиот мир и поредок. Сè друго води кон уште поголеми конфликтни ситуации, како во самите држави внатре така и пошироко, во регионален, но и светски контекст. Затоа ОН инсистираа на ваквиот заштитен механизам, за да не дојде до нови конфликти низ светот.
Како и да е, владиното образложение нема никаква основа туку станува збор за еден брзоплето срочен текст само да се запази формата, односно до Собранието да се достави текст во кој ќе се каже зошто треба да се пристапи кон уставни измени, без да се води сметка дали аргументите воопшто држат вода и колку се контрадикторни сами по себе.