Mедалот во оваа фаза не ми е најбитен, битно ми е тоа што го гледам на татамите, а тоа конкретно е подобрување на одредени негови перформанси, вели неговиот тренер Борче Костовски

ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР ВО ТИРАНА

Најдобриот македонски таеквондист и освојувач на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија), одржани во 2021 година, Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), по одличниот настап на меѓународниот турнир „Галеб Белград трофеј“ во Белград (Србија), од серијата Г1, пред една недела, каде што го освои второто место, викендов повторно ја израдува македонската спортска јавност.
Георгиевски, член на ТК Бутел од Скопје, го освои првото место на Г1-турнирот во Тирана (Албанија), со што освои нови 10 олимписки поени во рангирањето за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз (Франција) и покажа дека е во одлична форма. Посебно се издвојува финалната победата против квалитетниот француски таеквондист Ел Омар со 2-1, откако претходно со 2-0 го совлада и Израелецот Александар Филипов.
– Mедалот во оваа фаза не ми е најбитен, битно ми е тоа што го гледам на татамите, а тоа конкретно е подобрување на одредени негови перформанси. Формата на Дејан моментно е добра и ако направам една споредба, би рекол таа е како на авион при полетување. Оди нагоре, ама до полната сила и брзина да ја развие авионот, потребно е време. Засега, задоволен сум од неговите перформанси што ги покажува во борбите со своите конкуренти, а важно е и што собираме поени за Олимписките игри во 2024 година. А ако не успееме доволно да собереме, тогаш ќе одиме на квалификациски турнир. Следен турнир, пак, што нѐ очекува е „Хрватска опен 2023“, по две недели, и е, исто така, од рангот на Г1 – вели тренерот Борче Костовски. Г.И.