ЏУДО – ЗАВРШНИ ПОДГОТОВКИ ЗА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ
Атмосферата на подготовките е одлична, засега сите се добри, немаме повредени џудисти. Македонија на оваа Балканијада ќе настапи со 21 репрезентативец од повеќе македонски клубови, вели селекторот Мицкоски, пред шампионатот викендов во Крушево
Под будното око на селекторот Дејан Мицкоски и тренерот на кадетската репрезентација на Македонија во џудо, Трајче Марков, во Крушево почнаа финалните репрезентативни подготовки пред претстојното Балканско првенство (БП) за кадети и за кадетки, што ќе се одржи во Крушево, од петок до недела. Првата фаза веќе помина, а беше одржан и еден подготвителен тренинг-камп, во поширок состав.
– Подготовките ги почнавме од понеделникот и ќе траат до самиот почеток, до петок, кога попладнето и официјално ќе има претставување на сите репрезентации од балканската судиска организација. Тренинзите се одвиваат во спортската сала каде што и ќе се одржи овој голем настан за македонското џудо. Условите се одлични, почнувајќи од салата каде што ги одржуваме тренинзите, па сѐ до исхраната – вели селекторот на македонската кадетска репрезентација, Мицкоски.
Мицковски вели дека атмосферата во репрезентацијата на Македонија е одлична и оти нема повредени натпреварувачи.
– Македонија на оваа Балканијада ќе настапи со 21 репрезентативец од повеќе македонски клубови, од кои 13 се во машка конкуренција. Атмосферата на подготовките е одлична, засега сите се добри, немаме повредени џудисти, што, секако, може само да радува. Моментно повеќе работиме на техничко-тактички план, двапати дневно, но напоредно ја одржуваме и физичката кондиција. Но целта на овие подготовки меѓу другото е и да се аклиматизираат нашите натпреварувачи на самиот град каде што ќе се одвива ова значајно натпреварување – вели Мицкоски.
Конкуренцијата на Балканско првенство викендов во Крушево ќе биде исклучително силна, со учество на многу репрезентации и голем број квалитетни џудисти и џудистки, но оптимизмот е присутен кај македонскиот селектор.
– Секако дека нѐ очекуваат тешки борби, оти според досега пријавената листа, учеството го најавија 11 држави, со голем број натпреварувачи. Предничат Турција, БиХ, Црна Гора, Грција и Бугарија со по 50-60 натпреварувачи, што само покажува дека ова Балканско првенство за кадети ќе биде едно од најмасовните и најквалитетни досега. Верувам во моите репрезентативци и во нивните можности, но за успех ќе ни бидат потребни добра ждрепка и малку среќа – рече Мицкоски.
Повеќе од 400 џудисти и џудо-работници од најмалку 12 земји се очекува да бидат дел од ова Балканско првенство за кадети и кадетки. Г.И.