Очекувам сите да го дадат својот максимум, да ги одработат своите најдобри борби и со малку среќа да стигнеме до медал, вели селекторот на помладите сениори, Петар Белистојаноски
КАРАТЕ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА МЛАДИНСКОТО СП 2024
Македонската кадетска, јуниорска и репрезентација за помлади сениори (до 21 година), од денеска до недела ќе настапи на Светското првенство (СП) во карате во Венеција (Италија). Во мошне силна конкуренција на 113 репрезентации од целиот свет со вкупно 1.991 каратист, македонските карате-надежи ќе настојуваат да остварат што подобар пласман, а секако императив ќе биде освојувањето на еден од медалите.
Боите на Македонија во сите конкуренции ќе ги бранат вкупно 35 каратисти/ки, предводени од селекторите Петар Белистојаноски (помлади сениори), Берат Јакупи (јуниори), Дејан Ристески (кадети), сите во борби, а во ката Имери Муарен (кадети), Неџби Дервиши (јуниори) и Фери Исиќ (сениори до 21 година). Најмногубројни се селекциите на Бразил и на Турција со по 42 каратисти, а по еден помалку имаат Египет, Италија, Шпанија и САД. Шампионатот почнува денеска со настапот на помладите сениори до 21 година, во кати и во борби.
– Целата репрезентација до 21 година, која јас ја предводам, е подготвена и во одлична форма и расположение со нетрпение го очекува својот настап.
Светското првенство е најсилно и најмасовно првенство и ќе биде многу тешко на татамите, но, сепак, верувам во добар настап на репрезентативците и да се вмешаме во борбата за медали, затоа што ростерот ни е од веќе искусни каратисти и медалисти, како што се Стојановиќ, Мишовска, Белистојаноски, Михајлов, а и преостанатите Божовиќ, Мемети, Коџа, Зибери, Мицовска и Пецевска, зад себе имаат високи резултати. Очекувам сите да го дадат својот максимум, да ги одработат своите најдобри борби и со малку среќа да стигнеме до медал – вели селекторот за помлади сениори, Петар Белистојаноски.
На претходното СП, во турскиот град Коња пред две години, Стефан Стојановиќ (категорија над 84 кг) и Витомир Трајковски (до 84 кг) постигнаа огромен успех, освојувајќи сребрени медали. За разлика од Трајковски, кој поради повреда нема да настапи, Стојановиќ ќе се обиде повторно да стигне до нов медал во Венеција.
Состав: кадети: Блерина Зендели, Борјан Димовски (ката). Блина Горенца (до 47 кг), Душица Бреслиева (до 54 кг), Анастасија Смилевска (до 61 кг), Јана Тануровска (над 61 кг), Дамјан Митревски (до 52 кг), Јован Враклевски (до 57 кг), Дарин Куртановиќ (до 63 кг), Марко Филиповски (до 70 кг), Даријан Николовски (над 70 кг), борби. Јуниори: Данка Стојкова, Нуредин Дервиши (ката). Кадети-јуниори (ката екипно) (Михајловиќ, Пенџерковски, Смилевски). Мартина Петреска (до 48 кг), Илијана Серафимова (до 53 кг), Драгана Ефтимовска (до 59 кг), Речи Мируше (до 66 кг), Цветан Маргаритов (до 55 кг), Андреј Стојчевски (до 61 кг), Хасан Чорески (до 68 кг), Адријан Симоновски (до 76 кг), Филип Стојанов (над 76 кг), борби. Помлади сениори (до 21 год.): Јована Манчевска, Марко Поптодоров (ката). Михаела Мишовска (до 50 кг), Ива Пецевска (до 55 кг), Јована Мицовска (до 61 кг), Ера Коџа (до 68 кг), Ердона Зибери (над 68 кг), Бесрат Мемети (до 60 кг), Матеј Белистојаноски (до 67 кг), Љупче Михајлов (до 75 кг), Данило Божовиќ (до 84 кг), Стефан Стојановиќ (над 84), борби. Г.И.