Фото: ЕПА

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

На 40-годишна возраст, Линдзи Вон викендов ќе учествува на официјална скијачка трка првпат по речиси шест години. Откако веќе објави минатиот месец дека се враќа од пензија, Вон ќе настапи утре во спуст на трка во рамките на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и в недела во супервелеслалом, во Копер Маунтин (САД), изјави за агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) главниот тренер на скијачкиот тим на САД, Пол Кристофич.
На Вон ѝ требаат резултати за да го подобри својот одамна неактивен пласман за да може да влезе во трките од Светскиот куп (СК) сезонава според новото правило за вајлд-карти, пишува АП.
– Нејзината историја зборува сама за себе и таа е дефинитивно најодликуваната скијачка во брзи дисциплини и направи неверојатни работи во текот на нејзината кариера. Значи, ќе биде навистина забавно и интересно да се види што може да направи таа – рече главниот тренер на скијачкиот тим на САД, пренесе АП.
Вон е трикратна освојувачка на олимписки медали, вклучувајќи и злато во спуст на Зимските олимписки игри во Ванкувер во 2010 година. Нејзините 82 победи во Светскиот куп беа рекорд за скијачка сѐ додека тој вкупен број не беше надминат во јануари 2023 година од сонародничката Микаела Шифрин, која уште е активна и сега има до 99 победи. Н.М.