Фото: Маја Јаневска-Илиева

Германецот Винсент Кејмер (2.731 рејтинг-поени) поведе во финалето на првиот од петте турнири од турнејата во т.н. Фишеров шах (почетното место на фигурите се измешани), во Вајсенхаус (Германија), вреден 750.000 долари, откако победи во првата од предвидените две партии против Американецот Фабијано Каруана (2.803). Во мечот за третото место, петкратниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.833), со црни фигури го надигра Узбекистанецот Јавохир Синдаров (2.700) во првата партија со класично темпо на игра. Во мечот за петтото место, Американецот Хикару Накамура (2.802) го совлада Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.766), во партија каде што двата коња на црниот се покажаа посилни од двата ловци на белиот. Единствената партија што заврши нерешено беше за седмото место, во која Французинот Алиреза Фирузја (2.760) ја испушти навидум лесно победничката позиција против актуелниот светски шампион во класичен шах, Индиецот Домарају Гукеш (2.777). Победникот ќе биде побогат за 200.000 долари. Г.И.


МЕЧЕВИ ЗА ПЛАСМАН ОД ПРВОТО ДО ОСМОТО МЕСТО

Кејмер – Каруана 1-0
Синдаров – Карлсен 0-1
Абдусаторов – Накамура 0-1
Фирузја – Гукеш реми