По настапите на државните првенства во јуни, а во пресрет на ЕП и на СП за младинци, како и на државното екипно првенство за јуниори, членовите на напредните групи од школата на ШК Алкалоид добија поддршка од клубот да настапуваат летово на турнири во странство

Шаховската игра бара голема посветеност во поглед на совладувањето на теоријата во текот на годината, но затоа, пак, во текот на летото недостигот од турнири на домашен терен им овозможува на младите шахисти преку учества на натпреварувања во регионот да се усовршуваат и да ја кренат својата играчка форма. По настапите на државните првенства во јуни, а во пресрет на младинското Европското првенство (ЕП) во септември и на младинското Светското првенство (СП) во ноември, како и на државното екипно првенство за јуниори, членовите на напредните групи од школата на ШК Алкалоид добија поддршка од клубот да настапуваат летово на турнири во странство.

Теодор Јовановски настапи на 16. меѓународен турнир „Параќин опен“, на кој учествуваа 300 шахисти поделени во натпреварувања А и Б, а потоа на „Србија опен“, на кој учествуваа 500 шахисти, поделени во категориите мастерс, аматери и почетници. Во Белград му се приклучија и Матео Ефтовски и Леа Ефтовска, кои беа дел од турнирот во категоријата предизвикувачи (просечен рејтинг 1.752 поени), а Матео беше најдобропласиран, со 4,5 поени од девет партии (делба 15-26 место), пишува клубот.

Стојан Велкоски играше на 32. издание на турнирот „Василис Теодорис“ во Кавала, на кој настапија повеќе од 350 шахисти, а тој беше дел од А-турнирот, каде што просечниот рејтинг беше 2.176 поени. На тој турнир играше и актуелната шампионка на Македонија, наедно и прва табла на женската репрезентација, ЖФМ Моника Стојковска. Двајцата го подобрија личниот рејтинг, Велкоски освои четири, а Стојковска 3,5 поени од девет партии.

На исклучително силниот турнир во Аранѓеловац (просечен рејтинг 2.116 поени) настапи Филип Михов, кој дојде на чекор до освојување на титулата ФИДЕ-мајстор, му недостигаа четири рејтинг-поени или едно реми за да ја комплетира мисијата, но промоцијата, сепак, ќе почека. Со него беше и Дино Табаковски, кој беше аутсајдер на овој силен турнир, но тој потоа учествуваше на отворениот турнир „Шумадинац“ во Крагуевац, каде што беше на делба на третото место од 24 шахисти, пишува клубот. На овој шаховски фестивал настапи и актуелниот првак на Македонија во категоријата до 14 години, Кирил Николовски, кој, како и Табаковски, го поправи својот рејтинг во стандарден шах, а освои и нови рејтинг-поени на турнирите во забрзан и во брз шах.

Михаил Јорданов, кој минатата година заврши со настапите на младинските првенства, а од годинава е пријавен во сениорскиот тим на ШК Алкалоид за претстојното државно екипно првенство, учествуваше на „Летниот опен“ во Прага, каде што освои нови рејтинг-поени. Тој потоа настапи и на турнирот во Оломоц, а на двете натпреварувања со него учествуваше и Теодор Јовановски. Во Прага, меѓу 200 учесници, освојувајќи по шест поени од девет партии, тие беа на делба од 11. до 31. место, а на вториот турнир Јовановски постигна голем успех пласирајќи се на делба од 3. до 5. место.

Стефан Мелник, по одличните настапи на државното првенство за слепи и за слабовидни лица, одигра прв контролен турнир во Пожаревац, каде што ја доби наградата за најдобар младинец со освоени 3,5 поени од пет партии. Тој беше во групата на шахисти од 5. до 9. место, веднаш зад победничката група од четворица, кои имаа по четири поени, а со тоа значително го подобри својот рејтинг. ЕП за младинци ќе се одржи во Мамаја, Романија (5-14 септември), а СП за играчи од 14 до 18 години во Монтесилвано, Италија (13-24 ноември).