Карлсен и Хоу и понатаму водат на светските рејтинг-листи, а Георгиев и Секуловска на македонските

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА АВГУСТ

Индискиот велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш (17) продолжува да се искачува на ранг-листата на ФИДЕ, постојано зголемувајќи го својот рејтинг од март 2023, па моментно е на 11-то место (2.751), освојувајќи нови седум поени. По солидниот настап во турската Суперлига, тој стана најмладиот играч што некогаш ја поминал границата од 2.750 поени, која претходно ја постигна шахистот број еден во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен.
Покрај Гукеш, уште тројца играчи, Виетнамецот Куанг Лием Ле, Индиецот Рамешбабу Прагнананда и Германецот Александар Донченко, го достигнаа својот врв во кариерата во август. Првиот по триумфот во Биел се искачи на 15-то место со рејтинг од 2.740, додека младиот Прагнананда освои 17 поени по победата на меморијалот „Хетењи Геза“, што значи дека дебитира во топ 30. Донченко, пак, како победник на „Опен Шпаркасен чес трофи 2023“ освои нови 16 поени и е на 52-то место, што е негова највисока позиција досега.
Карлсен (2.835) останува единствениот играч со рејтинг над 2.800, а го следи Американецот Хикару Накамура (2.787) со пет поени повеќе од третопласираниот, сонародникот Фабиано Каруана (2.782), додека четврти е актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.780).

Кај шахистките Јифан Хоу од Кина, со истиот рејтинг од јули (2.628), остана на врвот, втора е нејзината сонародничка и актуелна светска првенка Венјун Ју (2.568), која освои нови четири поени, а трета е Русинката Александра Горјачина (2.557).
ВМ Кирил Георгиев (2.542) и понатаму е прв на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ, пред ВМ Трајко Недев (2.465) и ИМ Филип Панчевски (2.452). ВМ Владимир Георгиев (2.421) со новите 19 поени од осмото се искачи на шестото место, додека пад од четвртото на седмото место (минус 27 поени) забележа ВМ Никола Митков (2.420). Кај Македонките нема промени, води ЖФМ Весна Секуловска (2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042) и Бојана Бејатовиќ (2.000), сите со непроменет рејтинг од месец јули. Инџи Ајрадиноска инкасира најмногу поени (плус 104) и е на 15-то место (1.606).
Македонија (мажи) се искачи за едно место и сега е на 56-то, со два поена повеќе (просечниот рејтинг на првите 10 играчи е 2.431 поен), а и Македонија (жени) напредуваше едно место и сега е 55-та со плус четири поени (1.932), меѓу 200 држави. Во светот кај мажите нема промени, први се САД (2.730, плус еден), пред Русија (2.700, плус еден) и Индија (2.698, плус четири), а кај жените води Кина (2.484, плус еден), пред Индија (2.410, минус еден) и Русија (2.404, минус шест поени во однос на јули)… Г.И.