Фото: ЕПА

По првиот дел на турнирот во Вајсенхаус се одредени четвртфиналните двојки: Фирузја – Кејмер, Синдаров – Накамура, Каруана – Гукеш и Карлсен – Абдусаторов. Другите турнири од оваа турнеја се во Париз (во април), Њујорк (јули) Њу Делхи (септември) и во Кејп Таун (декември)

Велемајсторот (ВМ) Алиреза Фирузја (2.760 рејтинг-поени) од Франција го освои првото место во првата фаза на првиот турнир од турнејата во слободен шах (познат и како Фишеров шах), во Вајсенхаус (Германија), откако во последното коло го победи Јавохир Синдаров од Узбекистан. Со тоа тој го доби шестопласираниот за дуелот за пласман во четврт-финалето, Германецот Винсент Кејмер. Магнус Карлсен од Норвешка (кој тука го победи светскиот шампион Домарају Гукеш) и Хикару Накамура од САД завршија на четвртото, односно на петтото место со 5,5 поени, додека Левон Аронијан од САД и Владимир Федосеев од Словенија ги зазедоа последните две места и во меѓусебен дуел од две партии требаше да решат кој ќе биде претпоследен. Синдаров како второпласиран ќе игра со Накамура, Фабијано Каруана со Гукеш и Карлсен со Нодирбек Абдусаторов.
Третиот ден од шаховскиот турнир во слободен стил почна вчера и ќе трае до петок. Според распоредот, четврт-финалето беше вчера и денеска, полуфиналињата се утре и задутре, а финалето в четврток и в петок (се игра по една партија на ден), со можен тајбрејк ако е нерешено.
Шаховската турнеја во слободен стил почна со првиот од петте турнири вреден 750.000 долари во Вајсенхаус, а 10-те играчи прво играа меѓу себе, еднаш со забрзано темпо (10 минути плус 10 секунди по секој потег), при што последните двајца се елиминирани, а првите ги добиваат своите противници во нокаут-системот. Секоја нокаут-рунда се состои од две партии (90 минути плус 30 секунди по секој потег). Во случај на нерешен резултат се играат уште две партии (10 плус 10), ако уште е нерешено се играат уште две партии (пет минути плус две секунди по секој потег), а потоа ако треба и една т.н. армагедон-партија, во која на црниот му е доволно и реми за победа.
Овој турнир во Вајсенхаус е првиот од серијата турнири чија цел е промовирање на шаховската варијанта позната и како шах 960 или Фишеров шах, а другите од оваа турнеја се во Париз (во април), Њујорк (јули) Њу Делхи (септември) и во Кејп Таун (декември). Шаховска варијанта слободен стил е онаа каде што почетното место на фигурите се измешани. Постојат посебни правила за рокади во зависност од положбата на топот и на кралот. Варијантата првпат беше популаризирана од славниот Роберт Фишер, кој зборуваше за неа во 1993 година и беше лансирана од него на прес-конференција во Аргентина во 1996 година. Самата идеја е многу стара што се враќа барем во 18 век. Самиот Фишер не ја играше на јавни турнири и идејата потоа беше преземена од шаховскиот организатор Ханс-Валтер Шмит, кој ја ребрендира како шах 960 (според бројот на можни почетни позиции). Г.И.