Со овој резултат Македонија го надмина вкупниот број медали од претходното БП во Белград, во 2022 година, кога освои седум медали. Вчера беше последниот ден, на кој на татамите требаше да се одржат екипните натпревари, во ката за жени и во борби за мажи
КАРАТЕ – ПО ДВА ДЕНА НА БАЛКАНИЈАДАТА ВО ТИРАНА
Македонската карате-репрезентација, предводена од селекторите Александар Кузмановски (борби) и Стојан Андриевски (кати), освои девет медали по два натпреварувачки дена на Балканското првенство (БП) за сениори, кое вчера со третиот ден заврши во Тирана (Албанија).
Со златен медал се закити Христаки Давитковски во борби, во конкуренција на ветерани, во категоријата над 55 до 75 кг. Тој во финалето го победи Љубомир Тодовиќ од Србија, со 3-0.
Сребрени медали освоија Викторија Јовановска (категорија до 61 кг), потоа трикратниот европски првак и вицешампион на светот од последното светско првенство (СП), Емил Павлов (до 67 кг), Берат Јакупи (над 84 кг) и машкиот ката-тим (Кристијан Бајовски, Александар Спасовски и Давид Спасовски). Бронзени медали освоија Вероника Костовска (до 61 кг), Фахик Весели (до 60 кг), Петар Заборски (до 75 кг), како и екипниот женски состав во борби (Јована Георгиева, Вероника Костовска, Бојана Манева и Ангела Мојсовска).
Боите на Македонија на ова БП, кое е и подготвителен дел за Светското првенство (СП) во Будимпешта, Унгарија, во октомври, ги бранеа вкупно 39 натпреварувачи во борби и во кати, од кои неколку се натпреваруваат и во категоријата ветерани, а на БП беа пријавени 294 натпреварувачи од 11 држави.
Со овој резултат Македонија го надмина вкупниот број освоени медали од претходното БП во Белград (Србија), во 2022 година, кога освои пет поединечни и два екипни медали. Тогаш со сребро се закити Витомир Трајковски, бронзи освоија Петар Заборски, Фахик Весели, Ангела Мојсовска и Јована Георгиева, златен медал освои машкиот екипен состав на Македонија, а бронза женскиот екипен состав, и двата во дисциплината борби. Г.И.