Планот е да се направат педесетина тренинзи на снег за новата сезона. Каде и на колку трки ќе се настапи, крајно е неизвесно и многу работи ќе зависат од развојот на ситуацијата со ковид-19. Препораките од ФИС се сезонава да се учествува на натпревари во регионот, во земји од соседството, вели Иван Лесевски, претседател на алпскиот комитет при Скијачката федерација на Македонија

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Најдобрите алпски скијачи на Македонија во следните десетина дена ќе ги реализираат првите подготовки на снег, во традиционалната база во Хинтертукс, Австрија, за претстојната сезона 2020/2021. На подготовките во Австрија се Виктор Петков, Владимир Петков, Мирко Лазаревски, Влатко Атанасоски, Борјан Стрезоски и Ева Милевска, под водство на тренерите Антонио Ристевски и Никола Панчевски.
– По првиот дел од подготовките скијачите се враќаат во Македонија и по краткиот одмор повторно ќе заминат за Австрија, на следни, двонеделни подготовки. Планот е да се направат педесетина тренинзи на снег за новата сезона, која би требало да почне кон крајот на ноември. Каде и на колку трки ќе се настапи, крајно е неизвесно и многу работи ќе зависат од развојот на ситуацијата со ковид-19.

Препораките од Светската скијачка федерација (ФИС) се сезонава да се учествува на натпревари во регионот, во земји од соседството, што помалку да се патува, да се избегнуваат многу контакти и слично – вели Иван Лесевски, поранешниот повеќегодишен тренер и селектор на македонските алпинци, сега претседател на алпскиот комитет при Скијачката федерација на Македонија.
Олимпиецот Ристевски е во нова, тренерска улога, иако е можно да настапи на некои трки.
– Сезонава и следната се предолимписки, што значи дека ќе се бркаат ФИС-поени. Бидејќи Ристевски ја заврши кариерата, во преден план ќе бидат Виктор Петков и Мирко Лазаревски, како идни олимпијци – вели Лесевски.