ФОРМУЛА 1
В година три трки во САД

Во САД следната сезона ќе се возат дури три трки во Формула 1. По Остин и Мајами, ноќна трка ќе се одржи на улиците на Лас Вегас. Трката треба да се вози во ноември 2023 година, што претставува враќање на најбрзиот циркус, оти таму се возеше во 1981 и во 1982 година.
Овој пат автомобилите ќе се тркаат и низ „Лас Вегас стрип“, делот од големиот булевар каде што се најпознатите хотели и казина во градот. Патеката ќе има 14 свијоци, кругот ќе биде долг малку повеќе од шест километри, а болидите ќе достигнуваат брзина и над 340 км на час. Г.И.


ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИ
Познати се сите можни предизвикувачи на Карлсен

Американецот Хикару Накамура и Унгарецот Ричард Рапорт се квалификуваа на Турнирот на кандидатите во јуни годинава, за предизвикувач на светскиот првак Магнус Карлсен. На тој турнир ќе настапат вкупно осум шахисти. Во Берлин во тек е третиот и последен турнир од гранпри-серијата, но победникот на првиот турнир, Накамура, со пласманот во полуфиналето, веќе има доволен бодовен резултат за пласман на Турнирот на кандидатите. Претходно тоа го стори и Рапорт, по турнирите во Берлин и во Белград. Претходно пласман на Турнирот на кандидатите обезбедија Јан Непомнијашчи (Русија), Тимур Раџабов (Азербејџан), Јан Кшиштоф-Дуда (Полска), Сергеј Карјакин (Русија), Алиреза Фирузја (Франција) и Фабијано Каруана (САД). Г.И.


ФУДБАЛ
Кој ќе отсуствува од Мундијалот?

Светското првенство (СП) во Катар годинава ќе биде смотра на најдобрите фудбалери од светот, но ќе помине и без некои од најголемите ѕвезди, како што се Египќанецот Мохамед Салах, Норвежанецот Ерлинг Холанд, Италијанецот Жоржињо и други, чии репрезентации не ги поминаа квалификациите и плејоф-дуелите. Неиграњето на Италија, која лани стана првак на Европа, е најголемото изненадување во плејофот, за кое се погрижи Македонија, која забележа победа во Палермо со 1-0. Тоа значи дека на СП ќе го нема голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, кој беше прогласен за најдобар играч на ЕП лани, првиот голман што го добил тоа признание. Во Катар ќе ги нема и неговите сонародници, Жоржињо, третопласиран во гласањето за „златната топка“ за 2021 година, потоа Марко Верати, Леонардо Бонучи, Џорџо Кјелини, Леонардо Спинацола и Федерико Киеза, кои беа избрани во најдобриот тим на ЕП.
На отсутните ќе им се придружат Норвежанецот Холанд (Борусија Дортмунд), неговиот сонародник Мартин Одегард (Арсенал). Во Катар нема да играат Австриецот Давид Алаба (Реал Мадрид), Колумбиецот Луис Дијаз, клупскиот колега на Салах во Ливерпул, Алжирецот Ријад Марез (Манчестер сити), Словенецот Јан Облак, еден од најдобрите голмани на светот, кој таквите признанија ги заслужи за настапите на клупско ниво со Атлетико итн.
Најдобриот тим според британскиот „Скај спорт“, составен од играчи што нема да настапат во Катар, е следниот: Џанлуиџи Донарума – Леонардо Спинацола, Виктор Линделоф, Леонардо Бонучи, Давид Алаба – Мартин Одегард, Ив Босума, Жоржињо – Мохамед Салах, Ерлинг Холанд, Луис Дијаз. Селектор: Роберто Манчини. Л.Д.