ФУДБАЛ

Се очекува напредок на листата на ФИФА

Македонската репрезентација веројатно ќе напредува за три места на најновата ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која треба да биде објавена идната недела. Според интернет-страниците специјализирани за составување на ранг-листата во живо, Македонија е на 62-то место во моментов, три подобро од рангирањето во февруари. Според пресметките, репрезентацијата на Македонија во трите меча од квалификациите за Светското првенство освои вкупно 12,4 поени. Само победата над Германија донесе 18,5 поени, победата над Лихтенштајн четири, а поразот од Романија одзеде 10 поена.


ФУДБАЛ – ЛШ ЗА ЖЕНИ

Баерн, Челси и Барселона се во полуфиналето

Баерн ќе игра со Челси во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите за жени, откако победи со 1-0 во Шведска, со што го комплетира вкупниот успех во четврт-финалето со 4-0 против Розенгард. Челси славеше во дуелот со Волфсбург со 3-0, за вкупна победа со 5-1. Барселона загуби со 1-2 во реваншот кај Манчестер сити, но во првиот меч победи со 3-0. Барселона ќе го почека противникот во полуфиналето, бидејќи за 18 април е одложен реванш-мечот од четврт-финалето на актуелниот европски првак Лион дома со Париз Сен Жермен (првиот меч го доби Лион со 1-0). Полуфиналињата треба да се играат од 24 април до 2 мај, а финалето е предвидено за 16 мај, во Гетеборг.


ФУДБАЛ – МЛАДИНСКО ЕП

Шпанија остана во трка за одбрана на титулата

Холандија – Франција, Данска – Германија, Шпанија – Хрватска и Португалија – Италија се четвртфиналните двојки на Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година, по одиграната групна фаза. Завршниот турнир треба да се игра во Словенија и во Унгарија, од 31 мај до 6 јуни, со финале во Љубљана. Актуелен првак во оваа младинска категорија е репрезентацијата на Шпанија. Л.Д.


Деизисау победник на ЕКК во забрзан шах преку интернет

Германскиот клуб Деизисау со 14 поени (20,5 по табли) триумфира на Европскиот клупски куп (ЕКК) преку интернет, на кој настапија 91 клуб во забрзан шах (15 минути плус пет секунди по секој одигран потег по играч). Втор е француски Клиши е чес со 13 бода (22,5), а трет руски Медни Всадник со 11 поени (22), колку што имаше и полскиот Хусарс, но со послаб резултат по табли (20). Победничкиот тим настапи во состав: Матијас Блубаум (рејтинг 2.670), Александар Донченко (2.639), Георг Мејер (2.628), Андреас Хејман (2.606), Винсент Кејмер (2.591) и Дмитри Коларс (2.598). Македонија немаше свој претставник. Специјалната награда „Василиј Смислов“ за најдобра партија му припадна на Русинот Владислав Артемиев. На ЕКК учествуваа повеќе од 500 шахисти, од кои над 80 велемајстори со рејтинг над 2.600 поени, како што се Шакријар Мамеѓаров (2.770), Ричард Рапорт (2.763), Максим Вашер-Леграв (2.758), Пентала Харикришна (2.732) и многу други. ЕКК за мажи на табла треба да се одржи годинава во Охрид, од 27 ноември до 5 декември. Г.И.


ТЕНИС
Ешли Барти ќе ја брани титулата во Мајами

Правата носителка и победничка на претходното издание на мастерс-турнирот од серијата 1.000 Мајами опен, светски рекет број еден, Австралијката Ешли Барти обезбеди место во финалето на годинешното издание на турнирот. За титулата таа спроти себе денеска ќе ја има осмата носителка и деветта тенисерка на ВТА-листата, Канаѓанката Бјанка Андреску.
До финалето во Мајами, Барти стигна по победите над Каролина Кучова, Јелена Остапенко, Викторија Азаренка (14. носителка), Арина Себаленка (седма) и Елина Свитолина (петта). Андреску славеше на мечевите со Тереза Мартинчова, Аманда Анисимова (28. носителка), Габриела Мугуруза (12-та), Сара Тормо и Марија Сакари (23-та). За место во машкото финале на турнирот во Мајами синоќа играше Роберто Баутиста Агут против Јанико Синер, а денеска Андреј Рублев спроти себе ќе го има Хуберт Хуркак. Поради пандемијата на коронавирусот, минатогодишното издание на турнирот во Мајами беше откажано. Победници во 2019 година беа Роже Федерер кај мажите и Ешли Барти кај жените. Та.Д.