Ракометарите на Алкалоид се пласираа во осминафиналето од ЕХФ Европскиот куп откако избраниците на Кирил Лазаров славеа две убедливи победи над австрискиот состав Вест Виена.
Во првиот меч, момците од „Автокоманда“ со фуриозна игра во текот на целиот натпревар славеа убедлива победа со 38-27 над младиот австриски состав. Доминантна игра и контрола врз резултатот избраниците на Лазаров имаа и во реванш дуелот кој заврши со резулатат 32-29 во корист на македонскиот тим.
И во двата меча Лазаров им даде шанса на теренот на сите ракометари од својот состав, а тие беа супериорни над гостинскиот состав од Австрија и сосема заслужено го продолжуваат настапот во осминафиналето од ЕХФ Купот.
Најефикасни стрелци во двомечот со Вест Виена беа Александар Петковски со 16 гола и Мартин Серафимов со 13 погодоци.
Следниот ривал, Алкалоид ќе го дознае во вторник, 3 декември, за кога е закажана ждрепката на осминафиналните двојки.