Благодарен сум на поддршката што ја добивам сите овие години и ветувам дека и понатаму со сите сили ќе продолжиме да работиме за доброто на македонскиот ракомет, изјави Мукаетов при потврдата на новиот мандат, кој беше верификуван со акламација

СОБРАНИЕ НА РАКОМЕТНАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Досегашниот претседател на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, ќе продолжи да ја води Федерацијата и во следните четири години, откако на вчерашната седница на Годишното собрание на РФМ во Скопје доби едногласна поддршка од сите 54 делегати.
– Благодарен сум на поддршката што ја добивам сите овие години и ветувам дека и понатаму со сите сили ќе продолжиме да работиме за доброто на македонскиот ракомет. Свесни сме дека има многу работи на кои им треба внимание и многу работа особено со младите категории. Ајде сите заедно да продолжиме да работиме за доброто на ракометот – изјави Мукаетов при потврдата на мандатот што беше верификуван со акламација.
Како дел од дискусиите на Собранието на РФМ, од претседателот на Здружението на ракометните тренери, проф. д-р Гино Стрезовски, беше даден предлог за „нула“ странци во домашното првенство. Тој истакна дека сите клубови треба да работат на создавање играчи.
– Ако навистина сакаме да одиме напред со ракометот и ако сакаме да добиваме ракометари, собранието и управниот одбор на РФМ време е да размислат првенството во Македонија да се игра без странци – предложи Стрезовски.

Претседателот на РФМ истакна дека Федерацијата има план за работа со кој би биле форсирани домашните играчи.
– Ние, како Федерација, покажавме дека сакаме да го најдеме вистинскиот баланс меѓу растот и развојот на македонските играчи од една страна и учеството на странски играчи, кои се дополнителна вредност за македонскиот ракомет и сметам дека со системот со кој се намалуваше бројот на странци, покажавме дека имаме интерес за форсирање на учеството на македонските играчи во домашната лига. Сепак, вие како тренерска организација може да дадете предлог за тоа како гледате дека треба да оди целата работа, а ние ќе го разгледаме на УО – рече Мукаетов.
Како еден од предлозите на вчерашното собрание беше за доделување признанија на ракометари и ракометни работници за она што го прават за ракометот и во спортот воопшто, идеја што беше прифатена од претседателот Мукаетов и од сите присутни.