д-р Зоран Ханџиски

Д-р Ханџиски за протоколите на Европското првенство во ракомет по повод случајот на Никола Карабатиќ

Случајот на еден од најдобрите ракометари на денешницата, Никола Карабатиќ, кој настапи за Франција во втората фаза на Европското првенство, и покрај позитивниот тест на ковид-19, внесе забуна во спортската јавност, а ги доведе во прашање и протоколите за тековното натпреварување, според кои предвидена е петдневна изолација во случај на позитивен тест на ковид-19. Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја образложи одлуката да му се дозволи на Карабатиќ да игра со тоа што „имал голем број на антитела и не претставувал ризик за другите“. По повод оваа тема, како и дали враќањето на терен е препорачливо пет дена по позитивен тест, односно дали може да предизвика одредени здравствени проблеми кај ракометарите, разговаравме со д-р Зоран Ханџиски, специјалист за спортска медицина.

– Позитивен тест на ковид-19 не значи и инфекција со ковид-19, тоа е прво нешто што треба да се разјасни кога се разговара на оваа тема. Многу е важно да се знае дали ракометарот кој имал позитивен тест развил одредени симптоми на болеста, како покачена температура, гребење на грлото, кашлање и слично или пак бил асимптоматски случај. Оваа констатација е многу важна во поглед на понатамошниот медицински третман, паузата која што треба да ја има, и начинот и временската граница за враќање на терен – појаснува д-р Ханџиски.

Хрватскиот централен бек Лука Циндриќ имаше позитивен тест на коронавирусот пред почетокот на првенството, поради што пропушти два меча од групната фаза, но по враќањето на терен кажа дека не се чувствува подготвен и способен за да игра.

– Направивме се со нашиот медицински тим за што побрзо да се вратам на терен, но морам да признаам дека многу побрзо се заморувам, многу тешко дишам, немам доволен капацитет на белите дробови и ми недостасува сила. Не тренирав, дојдов тука и само играм. Нема смисла да се игра во ваква состојба, ова е само тортура за играчите, инквизиција – изјави Циндриќ за хрватските медиуми.

Според д-р Ханџиски враќањето на терен и можните последици по здравјето на спортистите зависат од типот и степенот на инфекција со ковид-19. А исто така верува дека на сите медицински тимови на ЕП, здравјето на играчите им е пред резултатот на националниот тим, и дека не би ризикувале да стават во игра ракометар кој има здравствени проблеми.

– Времетраењето на паузата по прележана ковид-инфекција е индивидуално. Првите типови на ковид-19 беа многу полоши и симптоматски потешки по здравјето и формата на спортистите, во споредба со сега актуелниот омикрон. Неговата вирулентност трае само пет дена, има многу полесна симптоматска слика, повеќето случаи се асимптоматски без никакви знаци и карактеристики на ковид, и после кој на спортистите не им е потребна повеќенеделна рекуперација за враќање на формата и физичката подготвеност – појасни Ханџиски, додавајќи дека тоа не значи оти инфекцијата со омикрон-варијантата е стоотсто безопасна и без последици, туку дека, сепак, се зависи од имунолошкиот одговор на организмот.

Сведоци сме дека коронавирусот им прави сериозни проблеми на ракометрите и селекторите во текот на Европското првенство во Унгарија и Словачка. Бројот на играчи кои добиваа позитивни тестови речиси секојдневно се зголемуваше, па селекторите постојано стравуваат колку ракометри имаат на располагање за претстојните мечеви. Според досегашните случувања на ЕП во Унгарија и Словачка позитивен тест на ковид-19 имале повеќе од 120 ракометари.

Според бројот на позитивни ракометари, Германија се издвојува како најпогодена селекција меѓу 24-те тимови. Германскиот тренер Алфред Гисласон во шесте одиграни мечеви во игра вклучил 28 ракометари, а само тројца (Јоханес Гола, Јулиан Костер и Филип Вебер) останале имуни на вирусот и биле дел од сите шест мечеви. Селекцијата на Данска пак е единствена која што во текот на првенството споредено со останатите селекции, немаше проблеми со позитивни ракометари. Во досегашниот дел од натпреварувањето вторпат позитивен тест доби голманот Јаник Грин, кој имаше позитивен тест и пред првенството, а пред пет дена позитивен на ковид-19 беше и крилниот ракометар Ханс Линдберг.

ЕХФ во последно објавените здравствени протоколи на првенството предвидува петдневна изолација на позитивните и враќање на терен по добивање на два негативни ПЦР-теста. А исто така, за учество на турнирот, ракометарите претходно треба да бидат вакцинирани со две дози на вакцина против ковид-19.