Вредната победа (23-19) беше остварена против Италија
РАКОМЕТ – ЕП ЗА КАДЕТИ
Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија (до 18 години) ја совлада Италија со 23-19, со што го освои првото место во групата Л од разигрувањето за пласман од 17-то до 24-то место на Европското првенство (ЕП) за кадети, кое се одржува во Подгорица, Црна Гора. Вредната победа беше остварена во вториот дел од натпреварот, кога црвено-жолтите остварија предност четири гола, разлика што успеаја да ја задржат до крајот на средбата. По првите 30 минути, двете репрезентации заминаа на одмор со по 11 постигнати гола.
Оваа победа е дотолку позначајна оти на Македонија ѝ обезбеди настап и на следното ЕП идната година, со што ги избегна ЕХФ-шампионатите, кои се ранг подолу во однос на квалитетот, но и учество на ЕП за младинци во 2026 година.
Играч на натпреварот беше голманот Ѓорѓи Николовски, со 18 успешни одбрани, додека во нападот најпрецизен беше Дамјан Митев со шест гола, а го следеше Марин Крстевски, кој реализира четири, додека Даријан Ѓокески постигна три.
За Македонија остануваат уште два меча до крајот на ова ЕП, по што ќе биде познат конечниот пласман. Синоќа избраниците на македонскиот селектор Наум Танески играа против селекцијата на Израел. Г.И.