Со утрешниот меч во 19 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје, против литвански Драгунас Клаипеда, македонскиот ракометен освојувач на Купот Алкалоид започнува со европските обврски во ЕХФ Купот.
– Се наоѓаме пред нов предизвик во Европскиот куп. Имаме еден ривал кој што можеби е неатрактивен за нас и кој е доста опасен. Се работи за тим кој оваа година е воден од шпански тренер и од видео материјалите се гледа напредок во играта на Клаипеда. Ако направиме споредба, сметам дека тие се подобрени за 35% од претходно и затоа сум доста внимателен, заедно со мојот тим и со моите играчи. Системот на играње е дома-гости, не е групна фаза и треба да бидеме доста претпазливи. Од она што го имаме како информација, се работи за тим кој дава многу голови, над 40 гола во поголемиот дел од натпреварите. Ривалот игра во силен ритам, без разлика на противникот. Ние сме цврсто на земја заедно со играчите, добро се подготвуваме и можам да ветам дека нема да го потцениме противникот. Очекувам квалитетен меч и убав ракомет за око. Ги повикувам навивачите, да дојдат во салата Автокоманда и да бидат поддршка на овој млад македонски тим – изјави Лазаров, кој додаде дека нема да бркаат резултатска разлика, нема да си прават психолошки товар, туку дека сака да одиграат убаво и секоја победа да биде предност пред реваншот во Литванија.
Лазаров се осврна и на тоа кои се амбициите на Алкалоид во Купот на ЕХФ.
– Лигата на шампионите секоја година е се посилна и тешко е да ја пратиме, иако се трудиме како македонски тимови. Иста е ситуацијата и во Лигата на Европа, каде играат Кил, Флензбург, Војводина, Нексе… Стратегијата на ЕХФ е сите купови да бидат квалитетни, па така и овој трет куп по квалитет. И овде има добри и амбициозни тимови, како и екипи кои сакаат да одат што подалеку и да го освојат овој Куп. Ние ќе одиме чекор по чекор, без разлика со кого и да играме – ќе сакаме да поминеме и ќе одиме на победа, па дури и против поквалитетни од нас. Никого нема ниту да го прецениме, ниту потцениме, ќе одиме скала по скапа. Не бегам од фаворитската улога, но мора и треба да го респектираме секого – заврши Лазаров.