Македонската ракометна репрезентација во полн состав ќе го одигра последниот контролен натпревар со селекцијата на Израел (18 часот) откако на денешното тестирање сите ракометари од тимот на Кирил Лазаров имаа негативен ковид-тест.
Во досегашниот дел од подготовките избраниците на Лазаров извојуваа три победи. Двапати беше совладана селекцијата на Кувајт, а вчера беа подобри во првиот дуел со Израел.
Прв противник на Македонија на Европското првенство во Унгарија и Словачка, коe ќе се игра од 13 до 30 јануари, е селекцијата на Словенија (13 јануари – 18 ч.), потоа ќе се соочи со Црна Гора (15 јануари – 18 ч.) а последен ривал во групната фаза ќе биде актуелниот светски првак Данска (17 јануари – 20.30 ч.).