Огромна поддршка почувствуваме, нацијата е на нозе, како и секогаш. Оваа традиција треба да продолжи, затоа што само тоа нѐ обединува. Без разлика на сѐ, очекувам на наредните мечеви уште поголем број навивачи, вели капитенот Кирил Лазаров

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Во победа или пораз, во добро или лошо, во предизвици или премрежиња, конечно македонската фаланга обединета! Таа претставува една метафора на сите нас. Нашите ракометари, репрезентативци, нашата македонска ракометна федерација, но пред сѐ нашиот натпреварувачки, борбен национален дух, изразен преку навивачката френетичност и сплотеност на „Градската сала“, манифестира обединети, катарзични чувства за една заедничка, повисока цел.
– Благодарност до нашите навивачи што се тука и во Македонија. Огромна поддршка почувствуваме, нацијата е на нозе, како и секогаш. Оваа традиција треба да продолжи, затоа што само тоа нѐ обединува. Очекувам на наредните мечеви уште поголем број навивачи – вели Лазаров.

И Никола Митревски е воодушевен од огромната поддршка од навивачите.
– Очекувавме поддршка, но ова е неверојатно. Чувството беше како да се игра во арената „Борис Трајковски“. Беа ветар во грбот и во решавачките моменти нѐ понесоа. Тие ја даваат потребната енергија, тие се тука каде и да играме, тие се зад нас, ни даваат сила да не се откажуваме и да се бориме до самиот крај – ни изјави Митрески во микс-зоната.

„Дојдовме од сите страни ние за тебе, заедно на едно место да те бодриме“. Неколку илјади Македонци од Европа се слеаја во Виена да ја бодрат ракометната репрезентација на Македонија. Автобуски карвани со навивачи од Битола, Свети Николе, Скопје, како и „домашни“ навивачи, се присутни во салата. Македонската навивачка фаланга е вообичаен декор кога настапува македонската ракометна репрезентација на големите првенства. И низ улиците во Виена, на пример, ечеше македонска песна, се скандираше „Македонија, Македонија“, а т.н. кортео што го направија навивачите предизвика и краткотраен прекин на сообраќајот околу „Градската сала“, каде што се играат средбите од групата Б. Така сплотени, македонските навивачи пристигнуваат во салата да им дадат поддршка на нашите јунаци, најдоброто од нас.

Срцето за репрезентацијата, срцето за Македонија!

– Од самото формирање на навивачкото здружение во 2014 година, патуваме и ги бодриме македонските репрезентативци или клубови на мечевите што ги играат во овој дел од Европа. Посебно е чувството што сега навиваме за Македонија на ова ЕП на „домашен“ терен. Ракометарите ќе го остават срцето на терен, а ние нашите гласни жици на трибините – вели претседателот на здружението Мишко Јакимовски.
Македонија во Виена се бодри индивидуално или семејно.
– Страста кон спортот, љубовта кон македонскиот ракомет и својата татковина, сето тоа во комбинација, ете сме во Виена да ги проследиме натпреварите на македонската ракометна репрезентација. Имаме билети за мечевите од првиот дел, а се надевам дека ќе останеме и подолго. Во континуитет ја следиме Македонија од ЕП 2012 и се надевам дека и тука ќе дотуркаме далеку – вели охриѓанецот Горан Момироски.

Организирано допатуваа и битолчани.
– Десетина години ги следам настапите на македонските репрезентативци на големите натпреварувања, било тоа ракомет или кошарка. Врската ракометари – публика е на едно завидно ниво, тие знаат да почувствуваат кога ќе го добијат тој ветар во грбот, едноставно по реакциите на Стоилов, Лазаров и Митрески може да се види дека го чувствуваат дека она што доаѓа од трибините ги мотивира дополнително. Ние како мала нација претставуваме раритет, така што каде било да се играат натпреварите, особено во овој дел од Европа, нѐ има во огромна бројка и ако треба ќе ги дадеме последните пари, но сакаме да бидеме дел од тој спектакл – рече Горан Пинза.

Најголемиот проблем е „распоредот“ во салата, бидејќи македонските навивачи се „расфрлени“ на различни делови во „Градската сала“. Но и тоа не е проблем.
– Посакуваме и ги повикуваме сите македонски навивачи на едно место да се собереме и заедно сплотени, обединети и единствени да маршираме до салата, бидејќи спортот и ракометот нѐ обединуваат од каде и да сме – вели Јакимоски.

Билети и за втората фаза

Околу 250 члена на „фалангата“ имаат обезбедено билети и за мечевите од главната групна фаза, чии натпревари, исто така, ќе се играат во Виена, а пласман понатаму ќе обезбедат двете најдобропласирани репрезентации од секоја од шесте групи.
– Веруваме во победи на нашите репрезентативци предводени од Кирил Лазаров и обезбедивме билети за главната фаза. Сакаме да бидеме што поблиску до нашите ракометари за да им ги дадеме неопходната енергија и поддршка на мечевите и заедно да се радуваме на нови победи – рече Јакимовски.


Братска поддршка за македонската „единица“

Македонската „единица“, голманот Никола Митревски, во Виена има братска поддршка, од неговиот брат Влатко. Тој заедно со група навивачи од Битола ги следи мечевите од првата фаза.
– Патуваме секаде на натпреварите на кои Никола ги брани боите на македонската репрезентација. Ќефот е голем, навистина немам зборови со кои може да се опише чувството на трибините кога Никола го брани голот. Ние сме негова поддршка каде и да игра, без разлика дали е тоа на клупско или на репрезентативно ниво.


Бројките соборуваат рекорди
Рекордна посета на меч на Австрија одигран во прелиминарната фаза беше забележана против Чешка во првата рунда на ЕП 2020. Беа присутни околу 8.500 гледачи, голем дел и чешки навивачи, а мечот го напуштија задоволни домашните симпатизери, кои на победата се радуваа благодарение на одличната партија на капитенот Никола Билик.
– Неверојатно, ова е неверојатно, оваа публика, оваа сала. Таа ни даде дополнителна енергија и нѐ туркаше напред, очекувам така да биде и во наредните денови – рече Билик.

Лед-технологија на гол-линијата
Видеотехнологијата е сѐ поприсутна во спортот. Во американскиот фудбал, НБА, хокејот, тенисот, фудбалот, а од пред неколку сезони и во ракометот се користи оваа „алатка“ за да се отстранат сите дилеми за регуларноста на натпреварите. Новина на првенството во Виена е лед-технологијата на гол-линијата, која се применува за време на натпреварите. При секој прекин на играта од страна на делегатот на мечот (тајмаут, крај на секое полувреме), се вклучуваат светлата на гол-линијата. Целта е сите присутни да добијат уште еден сигнал дека времето е запрено. Исто така, судиите и гледачите имаат добар поглед дали голот бил постигнат во регуларно време или по свирежот на сирената.

Тајмаут на копче
Секоја репрезентација за време на мечот на ракометното ЕП 2020 со притискање копче на записничката маса може да повика тајмаут. Копчето е автоматски поврзано со семафорот и со самото притискање се слуша сигнал што означува прекин на играта и се запира времето. Во случај на манипулација со сигналот, предвидени се неколку казни: две минути или црвен картон за оној што го притиснал копчето во зависност од тоа дали било намерно или не, потоа пенал за тимот што бил во посед на топка, а тимот што го предизвикал прекинот губи право на еден тајмаут.

Електронски систем за следење на играчите
Новина на овој европски шампионат е и електронското следење на движењето на ракометарите на теренот. Целта е да се обезбедат уште повеќе статистички информации. Овој систем е поврзан и со паметната топка на „Селект“, во која има чип што испраќа информации за брзина на шутот, во кој дел од голот топката ја поминала гол-линијата итн. Чипот за следење на играчите е прикачен на нивните дресови и тежи само 14 грама. Тој испраќа податоци за одиграни минути, најбрза контра, највисок скок, број на одбрани. Сите податоци се достапни за гледачите во салата, но и за љубителите на ракометот покрај малите екрани.