Кил е на одличен пат да се израмни со Магдебург, кој во две години во низа, во 2001 и во 2002 година, ги освои двата највредни европски континентални клупски трофеи
Со победата над Веспрем (29-28) во мечот од 12. коло од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), германскиот ракометен гигант Кил е првиот тим што обезбеди пласман во четвртфиналната фаза. Со тоа Кил остана на добар пат да стане само вториот тим во ракометната историја што по освојувањето на Купот на ЕХФ во следната сезона би ја освоил и Лигата на шампионите. Претходно тоа му појде од рака на германскиот Магдебург, кој во 2001 година го освои Купот на ЕХФ, а потоа во 2002 година триумфира и во ЛШ.
Кил ја игра 22-та сезона во ЛШ, во која досега трипати се искачи на ракометниот трон на Европа (2007, 2010 и во 2012 година), четири пати бил вицепрвак и еднаш третопласиран, а во сите свои учества во Купот на ЕХФ (четири) завршувал како победник (1998, 2002, 2004 и 2019 година).
Тргнувајќи од водството во Бундес-лигата по 22 кола (моментно прво место на табелата, пред Фленсбург, Хановер и пред Фуксе Берлин) и во групата Б во ЛШ, германскиот гигант Кил отворено ја најави својата амбиција за враќање на врвот во Германија (титула чека од 2015 година) и во Европа.
Амбициозниот проект на Кил почна со назначувањето на Филип Јиха за тренер на „зебрите“, кој од 2007 до 2015 беше една од главните алки во играта и во освојувањето на трофеите на германскиот клуб. Јиха дојде на местото на Исланѓанецот Алфред Гисласон, кој десет сезони беше на чело на Кил, а минатата сезона негов помошник беше Јиха. За тоа дека Кил сериозно размислува за враќање во ракометните височини потврда е и ангажирањето на еден од најдобрите ракометари на денешницата, норвешкиот плејмејкер Сандер Сагосен, кој на неодамнешното Европско првенство (ЕП) беше најдобар стрелец и прв асистент на ЕП и член на олстар-тимот на првенството.