Младите рекометари на Нексе се освојувачи на првото издание на меморијалниот ракометен турнир „Марко Божиновски“ кој изминативе четири дена се играше на отвореното игралиште во спортскиот центар во населбата Ново лисиче во Скопје, кој го носи името на прерано починатиот ракометар Марко Божиновски.
Во финалниот меч на турнирот ракометарите на Нексе ги совладаа своите врсници од Војводина со 37-33, a во мечот за трето место екипата на Голден Арт славеше над Пролет (32-30, 27-27) по изведување на пенали.
Петтото место го освои екипата на Вардар која со 35-28 беше подобра во дуелот со Алкалоид, додека пак во дуелот за седмо место поуспешна беше екипата на Еурофарм Пелистер која го совлада Бутел со 36-33.
За најдобар играч на турнирот беше прогласен Јосип Колариќ од Нексе, епитетот најдобар голман го доби Бодин Хркаќ од Нексе, а како најдобар стрелец турнирот го заврши Симон Шијак од редовите на Војводина. Специјална награда на турнирот „најдобро лево крило“ (позицијата на Божиновски) ја доби левото крило на Бутел Филип Бошковски.