КОШАРКА – ВНБА-ЛИГА
Бекот на Индијана, Кејтлин Кларк, стана првата дебитантка во историјата на НБА-лигата за жени (ВНБА) што забележала т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), откако Индијана ја заврши возбудливата победа со 83-78 над гостинскиот клуб Њујорк. Кларк впиша 19 поени, 13 асистенции и 12 скока, а Индијана ја прекина серијата од девет порази од Њујорк, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Очигледно дека е добро. Моите соиграчки ја додаваа топката со голема брзина. Моите асистенции, тоа е поради нив. Скандирањето на навивачите беше навистина нестварно – изјави Кларк по натпреварот.
Таа упати благодарност до гледачите што помогнаа тимот да се издигне до победа над Њујорк, со која Индијана се подобри и сега има резултат од 9-13, а Њујорк е лидер во Источната конференција со 17-4.
За Кларк постоеше огромен интерес од Индијана, откако се приклучи како прв избор на т.н. драфт во април. Поразот на Индијана на гостувањето кај бранителот на титулата Лас Вегас минатиот вторник привлече 20.366 гледачи во салата, што е и најголема посетеност на еден натпревар во регуларната сезона на ВНБА од 1999 година. Г.И.