Имаме планирано да одиграме две тест-средби со репрезентацијата на Полска во Белград и тие дуели ќе ни помогнат да видиме што можеме да искористиме пред настапот на главниот турнир, вели селекторот Јончевски

КОШАРКА – ОБЈАВЕН Е РАСПОРЕДОТ НА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЛОИ 2024

Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги утврди деталите во врска со претстојните претквалификациски турнири што водат кон настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Еден турнир ќе се одржи во Талин (Естонија), каде што ќе настапи и македонската сениорска репрезентација.
Првиот натпревар на тој турнир Македонија треба да го одигра на 12 август со селекцијата на Израел. Еден ден подоцна црвено-жолтите ќе играат со домаќинот Естонија, а по еден ден пауза, на 15 август, е мечот со селекцијата на Чешка.
– Почетокот на подготовките, со лекарски прегледи, е планиран за 21 и 22 јули, а веќе на 25 јули е предвиден и првиот репрезентативен тренинг. Се разговара со сите носители на играта од претходните претквалификации, но уште не знаеме во кој состав би се појавиле. Имаме позитивни реакции од бековите Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс, но уште не е 100 отсто потврдено, оти тоа ќе зависи и од нивните следни играчки ангажмани. Центарот Бојан Крстевски го откажа овој циклус поради приватни причини, но, сепак, ќе биде подготвен за следниот циклус – ни изјави селекторот Александар Јончевски.

Првопласираните две репрезентации од турнирот во Талин ќе продолжат со натпревари во Полска, каде што ќе се одигра и завршниот дел од овие европски претквалификации за пласман на ЛОИ 2024, а победникот на тој турнир, пак, ќе биде и учесник во главните квалификации за ЛОИ во Париз в година.
– Имаме планирано да одиграме две тест-средби со репрезентацијата на Полска во Белград и тие дуели ќе ни помогнат да видиме што можеме да искористиме пред настапот на главниот турнир. Многу работи ќе зависат и од тоа со какви состави ќе се појават и нашите противници, кои секако се едни од поквалитетните репрезентации во Европа – вели македонскиот селектор.
Според ранг-листата, најдобропласирана репрезентација на турнирот во Талин е Чешка (12-та), потоа следуваат Израел (34-ти), Естонија (44-та) и Македонија (53-та), од вкупно 147 рангирани селекции. Г.И.


ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2024

12 август
Чешка – Естонија 16 ч.
Македонија – Израел 19 ч.
13 август
Израел – Чешка 16 ч.
Естонија – Македонија 19 ч.
15 август
Чешка – Македонија 16 ч.
Израел – Естонија 19 ч.
Турнирот се игра во Талин (Естонија)