Александар Тодоров

Ако говориме за кошаркарскиот дел, сигурно е дека за нас е подобро средбите да се играат на неутрален терен. Иако, се разбира, е можно организацијата на нашата група да ѝ биде доделена на Естонија, вели селекторот Тодоров

КОШАРКА – НА ПАТОТ КОН ЕП 2021

Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) одлучи наместо традиционалниот начин на квалификации за Европското првенство во 2021 година, наредните два квалификациски циклуси (ноемврискиот и февруарскиот) да бидат модифицирани. Тоа значи сите мечеви треба да се спроведуваат во т.н. „балони“, наместо со дуели дома или на гости, секако во согласност со здравствените протоколи на ФИБА (вклучувајќи и тестирање и контролиран влез во безбедна средина во натпреварувачки град).
– Иако за многумина одлуката на ФИБА од пред неколку дена е изненадувачка, не поради начинот на играње, туку поради самиот факт воопшто да се дозволи одигрување на ноемврискиот прозорец, за мене тоа е една сосема очекувана одлука.

Секако, притоа имајќи ги предвид финансиските бенефиции од овие прозорци, но и згуснатиот календар, квалификациите за ЛОИ, потоа ЛОИ, почетокот на квалификации за СП 2023 – изјави селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Така, наместо двете планирани гостувања на сениорскиот тим на 27 и на 30 ноември во Италија, односно во Естонија, овие два меча, но и наредните во февруари, Македонија ќе ги игра турнирски.

– Независно каде ќе се игра „балонот“, ризикот по здравјето на играчите и на другите членови на репрезентациите ќе биде голем. Впрочем, гледаме насекаде голем број одложувања на натпреварите поради заразени играчи, а според сите најави, нѐ очекува уште пожесток бран со почетокот на есента. Ако говориме за кошаркарскиот дел, сигурно е дека за нас е подобро средбите да се играат на неутрален терен. Иако, се разбира, е можно организацијата на нашата група да ѝ биде доделена на Естонија, поради, барем засега, погодната епидемиолошка ситуација таму.

Но, сепак… Во овој период многу работи се менуваат секојдневно. Затоа, треба да почекаме да видиме што ќе се случува во почетокот на ноември. Впрочем, кој знае да даде одговор што ќе се случува до ноември? Дали и какви забрани за патувања ќе има? Кога го говорам тоа не мислам само на патувањата на репрезентациите, туку, исто така, за организирање на пристигнувањето и заминувањето на репрезентативците што настапуваат во странство – рече Тодоров за сајтот на КФМ.