Фото: Игор Бансколиев

По пет кола, 12 екипи се во осминафиналето, а идната недела за влез во следната рунда ќе играат Тотенхем, Спортинг, Ајнтрахт и Марсеј за две места од неверојатно израмнетата група Д (два бода разлика од првиот до четвртиот тим), Милан и Салцбург, односно Лајпциг и Шахтер за по едно место од групите Е и Ф

ФУДБАЛ – ПО ПЕТТОТО КОЛО ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

По пет кола во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), 12 тима од седум земји веќе обезбедија пласман во осминафиналето, од нив засега сигурни како првопласирани во групите се Челси, Манчестер сити и Баерн, а во последното коло од групната фаза сезонава, за уште четирите места меѓу 16-те најдобри тима ќе играат осум екипи. Осминафиналисти се Челси, Манчестер сити и Ливерпул од Англија, Баерн и Борусија Дортмунд од Германија, Наполи и Интер од Италија, Бенфика и Порто од Португалија, Клуб Бриж од Белгија, ПСЖ од Франција и Реал Мадрид од Шпанија. Од нив, осум клуба досега биле европски прваци.
Во шестото коло, идната недела, за влез во следната рунда конкурираат Тотенхем, Спортинг, Ајнтрахт и Марсеј за две места од неверојатно израмнетата група Д (два бода разлика од првиот до четвртиот тим), Милан и Салцбург за едно место од групата Е и Лајпциг и Шахтер за едно место од групата Ф. Според пласманот на табелите, во осминафиналето сезонава најмногу може да има клубови од девет земји (рекордна беше сезоната 2015/2016, со 10, лани меѓу 16-те најдобри играа клубови од осум земји, а најмалку, од пет, имаше во сезоната 2019/2020).
По пет кола од Лигата на шампионите, елиминирани се Глазгов ренџерс, Ајакс, Атлетико Мадрид, Баер, Барселона, Плзен, Динамо, Селтик, Копенхаген, Јувентус и Макаби Хаифа. Од нив, Копенхаген, Плзен и Селтик ја завршуваат европската сезона, а другите имаат шанси за пласман на третото место во својата група, што носи играње во Лига Европа.
Ждрепката за осминафиналето ќе биде полудиригирана, па меѓу себе нема да играат првопласираните во групите, потоа тимовите од иста земја, како и екипите што веќе сезонава се сретнаа во групната фаза. На пример, Баерн во осминафиналето нема да игра со Челси (првопласиран), Борусија Дортмунд (од иста земја), Интер (играа во групата)…


Барселона ќе игра за трофејот што ѝ недостига

Барселона со префрлањето во Лига Европа (ЛЕ) ќе може да игра за трофејот што ѝ недостига, за комплетирање на трите најголеми пехари од натпреварувањата во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА). Досега пет клуба ги освоија тие три европски клупски трофеи, тој во Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), потоа Лига Европа (порано Куп на УЕФА) и некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК, натпреварување што се спои со Купот на УЕФА, а во кое играа освојувачите на домашните купови). Тоа се Јувентус (прв ги комплетира трите трофеја, во 1985 година), Баерн, Ајакс, Челси (единствен ги освои барем по двапати трите пехара) и Манчестер јунајтед. Барселона пет пати беше европски првак и четири пати победи (рекордер) во некогашниот КПК. Од лани УЕФА воведе ново натпреварување, Лига на конференции, трето по ранг во актуелниот систем на европски клупски натпреварувања. Во Лига Европа од ЛШ се префрли и Севилја, рекордер во тоа натпреварување, со шест трофеја, двојно повеќе од најблиските конкуренти, Интер, Ливерпул, Јувентус и Атлетико.