Општина Битола почна да работи на стабилизирање на фудбалскиот клуб Пелистер со цел создавање добра основа, буџет и управа, кои ќе придонесат за спортско издигнување на клубот.
Градоначалникот на општина Битола, на денешната прес-конференција информираше за реализираните постапки од новата локална самоуправа во досегашниот период, како и за активностите што ќе следуваат.
– Тоа што го најавивме пред неколку дена, дека како општина, застануваме зад фудбалскиот клуб „Пелистер“, веќе го реализираме.
Имајќи ја предвид затекнатата состојба, како и потребата од брзо делување, веќе ги исплативме заостанатите обврски на клубот за месеците октомври, ноември и декември 2021 година.
Со тоа, заклучно со 01.01.2022 регулирани се финансиските обврски на клубот, со цел создавање основа за понатамошно добро функционирање и подготовки за постигнување на добри резултати. Покрај решавањето на финансиските проблеми, пристапивме и кон решавање на останатите проблеми со кои се соочува клубот.
Сакам да ја информирам јавноста, дека нов спортски директор на клубот е Ванчо Мицевски. Тука со нас се и големите фудбалски имиња, легенди на битолскиот фудбал Митко Стојковски, Тони Мицевски, Сашо Здравевски, Спасе Ристевски и Златко Цветановски, со кои во изминатиот период имавме координативни средби и состаноци на кои разговаравме за иднината на клубот, при што посебно ми е драго што ја прифатија подадената рака од општина Битола, да дадат поддршка и да бидат дел од процесот на спортско издигнување на клубот. Со реализираните активности, како и работата која не очекува во следниот период, очекувам дека ќе постигнеме стабилизирање на клубот, а како поддршка во таа насока очекувам коректен однос од претходните сопственици, со цел навремено и соодветно делување во интерес на застанување на клубот на „здрави нозе“ и негово комплетно опоравување од незавидната ситуација во која го затекнавме – изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Ванчо Мицевски, изрази благодарност до градоначалникот и општината за големиот чекор и преземањето на ФК Пелистер во незавидна бодовна и играчка положба, како и за одлуката спортски луѓе да раководат со клубот.
– Сите знаеме дека ќе биде многу тешко, затоа што навистина заостануваме и со бодови и со време, касниме, пола екипи се веќе заминати на припреми во странство, а ние сега почнуваме да работиме. Не се откажуваме од борбата за опстанок, ќе пробаме, ќе дадеме се од себе, чесно и поштено ќе ја одиграме пролетта и во купот сме во полуфинале, максимално ќе се трудиме, чесно и поштено. Најтешкото е што прво треба да ја вратиме довербата во клубот. Прво, со финансии од општината, потоа, знаеме дека тоа е процес на градење клуб и доверба, значи ни треба еден период, каде што би ги покажале нашите резултати. Овој стадион ќе биде готов за две три години и ќе биде место каде ќе може да се играат европски натпревари, а ние во тој период од 3-4 години, мислиме да го направиме Пелистер, подготвен да се натпреварува во Европа – изјави новиот спортски директор на клубот, Ванчо Мицевски.
Мицевски изрази верување дека, ФК Пелистер, ќе ја врати својата вистинска позиција на бренд во македонскиот фудбал, од каде и понатаму ќе излегуваат добри фудбалери. Во оваа насока, дополнително ќе работат и тренерите во школата, со цел 70 % од играчите да бидат домашни, од битолската школа, а така подготвени, понатаму да бидат и носители на клубот.
М.М.