ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Англиските клубови се без загубен бод и без примен гол во второто коло

Тимовите од Англија имаа стопроцентен ефект во второто коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако победи забележаа Манчестер сити, Арсенал, Ливерпул и Астон вила, сите без примен гол.
По две кола, седум екипи имаат максимални шест бода, и тоа ланскиот финалист Борусија Дортмунд, дебитантот Брест, Бенфика, Баер, Ливерпул, Астон вила и Јувентус. Во третото коло, меѓу другите, е дуелот што е реприза на натпреварот за европската титула во минатата сезона, Реал Мадрид – Борусија Дортмунд, потоа средбата на два од седумте тима што се без загубен бод сезонава, Брест – Баер… Вкупно, англиските клубови досега освоија најмногу бодови по две кола, 20, тимовите од Германија и од Франција по 16, тие од Италија 15…
Лига на шампионите, второ коло: Салцбург – Брест 0-4, Штутгарт – Спарта Прага 1-1, Арсенал – Пари сен Жермен 2-0, Баер – Милан 1-0, Борусија Дортмунд – Селтик 7-1, Барселона – Јанг бојс 5-0, Интер – Црвена звезда 4-0, ПСВ Ајндховен – Спортинг 1-1, Слован Братислава – Манчестер сити 0-4, Шахтер – Аталанта 0-3, Џирона – Феенорд 2-3, Астон вила – Баерн 1-0, Динамо Загреб – Монако 2-2, Ливерпул – Болоња 2-0, Лил – Реал Мадрид 1-0, Лајпциг – Јувентус 2-3, Штурм Грац – Клуб Бриж 0-1, Бенфика – Атлетико Мадрид 4-0. Н.М.


ФУДБАЛ – МЛС-ЛИГА

Меси: Првата цел е постигната

Напаѓачот на Интер Мајами, Лионел Меси постигна два гола во победата со 3-2 на мечот на гости со Колумбус, со што клубот ги обезбеди првото место и трофејот за најдобар тим во регуларната фудбалска сезона во американската МЛС-лига. Со тоа Интер обезбеди и да игра дома во текот на целиот плејоф.
– Првата цел е постигната и сега треба да размислиме што е следно. Ја имаме големата предност да ги играме сите натпревари дома, што е она што го баравме. Ние сме многу силни дома – рече Меси, пренесе „Би-би-си“.
Тоа е вкупно 46-ти трофеј за Меси во неговата блескава кариера играјќи за клубови и за репрезентацијата на Аргентина. На Интер му требаат две победи во последните два натпревара од регуларната сезона за да постави нов рекорд на МЛС-лигата за најмногу освоени бодови во регуларната сезона, кој сега изнесува 73, освоени од Њу Ингланд во 2021 година. Н.М.


ХОКЕЈ НА МРАЗ

Новата сезона на НХЛ-лигата почнува денеска во Прага

Ондреј Палат двапати го освои Стенли-купот, со репрезентацијата на Чешка освои златен медал на Светското првенство, а денеска напаѓачот ќе оствари уште една ставка на неговиот список кога со Њу Џерси на дуелот во Прага со Бафало ќе ја отвори регуларната сезона во американската хокеарска лига НХЛ, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Да се игра натпревар од НХЛ во мојата сакана Чешка е нешто што никогаш не сум го замислил – рече Палат.
Досега во Прага се одиграни вкупно седум средби од НХЛ-лигата, а само Стокхолм (Шведска) е единствената локација надвор од Северна Америка што имала повеќе, пишува АП. Уште два натпревара ќе се одиграат во Тампере (Финска), во ноември, кога бранителот на титулата, Флорида, ќе се сретне со Далас.
Заменик-комесарот на НХЛ, Бил Дејли, во август изјави дека лигата сака да се прошири на други пазари и ги спомена Германија, Швајцарија и Велика Британија како можности, пишува АП. Во Лондон се одиграа два меча од регуларната сезона во 2007 година, а во Берлин еден, во 2011 година. Швајцарија досега не била домаќин на натпревар од регуларна сезона на НХЛ-лигата. Н.М.


АТЛЕТИКА – ДИЈАМАНТСКАТА ЛИГА 2025

Почетокот е во Кина, завршницата во Цирих

Новата натпреварувачка атлетска сезона на Дијамантската лига во 2025 година ќе почне на 26 април, со митингот во Ксијамен (Кина), а ќе заврши во Цирих (Швајцарија) на 27 и 28 август, објави Светската атлетика (СА), притоа соопштувајќи го целиот распоред, кој се состои од 14 еднодневни митинзи на четири континенти и еден дводневен, како и во минатата сезона. Наградниот фонд е зголемен и ќе изнесува 8,33 милиони евра. Поединечната награда за секоја победа на митинг ќе изнесува 100.000 долари, а второпласираниот ќе освои 50.000 долари. Се очекува, како и годинава, да има многу возбудувања, како и поставувања нови светски рекорди. Секоја дисциплина ќе биде изведена помеѓу четири и седум пати на патот до финалето. Со оглед на тоа што Светското првенство (СП) во Токио ќе се одржи во септември, оваа лига исто така ќе обезбеди совршен терен за подготовка за Мундијалот, пишува СА.
Распоред на Дијамантската лига за 2025 година: 26 април Ксијамен (Кина), 3 мај Сужоу (Кина), 16 мај Доха (Катар), 25 мај Рабат (Мароко), 6 јуни Рим (Италија), 12 јуни Осло (Норвешка), 15 јуни Стокхолм (Шведска), 20 јуни Париз (Франција), 5 јули Јуџин (САД), 11 јули Монако (Франција), 19 јули Лондон (Велика Британија), 16 август Хоржов (Полска), 20 август Лозана (Швајцарија), 22 август Брисел (Белгија), 27-28 август: Цирих (Швајцарија). Г.И.