ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА УЕФА

Воведната лигашка фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) имаше рекордна стапка од 3,26 гола по натпревар (470 погодоци на 144 меча), Барселона беше најефикасна, Интер ја имаше најдобрата одбрана…, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во пресрет на првите мечеви од плејофот за сезоната 2024/2025, одделот за анализа на УЕФА подлабоко се осврна на постигнувањето голови во лигашката фаза. Вкупно 76 проценти од погодоците се од игра. Со исклучок на пеналите, вкупниот број голови од прекин беше 16 отсто, од кои 11 проценти од корнер (намалување од лани, 13 отсто). Огромното мнозинство голови се постигнати од внатрешноста на шеснаесетникот (88 проценти), вкупно 53 отсто од головите биле постигнати по еден допир, клубови што се најистакнати во таа категорија се Баер, Пари сен Жермен и Атлетико Мадрид, а, како што објаснува набљудувачот на УЕФА Рој Хоџсон, ова е „клучна вештина“ што играчите треба да ја вежбаат на тренинзите, пишува УЕФА.
Аналитичарите исто така го разгледаа притисокот под кој беа стрелците при изведувањето на нивните шутеви за да постигнат гол, а тоа е нешто друго на кое тренерите треба да работат на тренинзите, како што елаборира Хоџсон, пишува Европската фудбалска унија. Една третина од головите се постигнати под висок притисок, што е кога противникот е во радиус од 1,5 метар од стрелецот. Среден притисок (радиус од три метра) учествува со 36 отсто, а низок притисок (четири метра или повеќе) со 31 отсто. Има зголемување од шест отсто на бројот на голови што следуваа по почеток на акцијата од сопствената половина на теренот, за што една од причините може да биде ефективната игра со контранапад, друга може да биде способноста на тимовите да го искористат просторот зад високите одбранбени линии, пишува УЕФА.
Барселона беше меѓу трите најпродуктивни екипи за голови од прекини со шест гола, а водечки во оваа категорија е ПСВ Ајндховен со седум погодока, што е 44 отсто од вкупно постигнатите голови. Вкупно 27 проценти од головите се постигнати од нафрлувања, од нив повеќе од половина од внатрешноста на шеснаесетникот, а за да постигнат гол од нафрлувања, тимовите влегоа во просек со по четворица напаѓачи во шеснаесетникот, што ја покажува потребата играчите од средниот ред да го поддржат нападот, пишува УЕФА. Н.М.