Би сакал да создадам уникатна атмосфера што ќе ја почувствувате кога ќе отидете таму. Атмосфера за која нашите навивачи ќе речат: „Едвај чекам да дојде сабота да одам и да навивам за тимот“, вели Артета
ФУДБАЛ – МИКЕЛ АРТЕТА, МЕНАЏЕР НА АРСЕНАЛ
Можете да го почувствувате тоа, се случува, постои интеракција на енергија и на емоции. Чувствувам вистинско единство помеѓу навивачите и тимот, вели менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, Микел Артета, во интервју за „Скај спорт“, велејќи и дека атмосферата на стадионот е „сосема поинаква“ од почетокот на неговиот мандат, кога имаше празни редови.
Пандемијата направи несакани прекини, но Артета на тоа гледа како на можност на градење единство како една од неговите „главни цели“.
– Да ме прашавте што сакам да направам тука, би рекол дека би сакал да го направам „Емирати“ најтешкиот стадион за играње во Англија, да создадам уникатна атмосфера што ќе ја почувствувате кога ќе отидете таму. Атмосфера за која нашите навивачи ќе речат: „Едвај чекам да дојде сабота да одам и да навивам за тимот“ – вели тој.
Има уште многу работа, но напредокот е очигледен. Само Ливерпул и Манчестер сити освоија повеќе бодови дома сезонава од Арсенал. Одлуката да се пушти Обамејанг беше по малку изненадувачка, бидејќи Артета остана само со двајца поискусни напаѓачи, Александре Лаказет и Еди Нкетија, кои постигнаа само три гола во Премиер-лигата сезонава. Но и покрај тоа, игрите, па и резултатите на тимот се подобрија. Арсенал победи на седум од деветте натпревари и загуби само еднаш во Премиер-лигата откако го нема Обамејанг. Напаѓачките опции се зголемија, тимот упатува повеќе шутеви и постигнува повеќе голови, има повеќе допири со топката во противничкиот шеснаесетник.
– Мислам дека има многу причини за тоа. Прво, разбирањето за тоа што сакаме е појасно. Комплетни сме по подолг период, тоа ни овозможи почесто да играме со ист тим, кој сега има подобра кохезија. Нивните квалитети си одговараат, се подобруваат едни со други. Кога постигнувате добри резултати, се гради поголема самодоверба – рече Артета.
Од 18-те играчи на неговиот прв натпревар во ремито со Борнмут (1-1) пред нешто повеќе од две години, само шестмина останаа во клубот. Заминувањата од првиот тим се двоцифрени, но и пристигнувањата.
– Мислам дека е многу тешко да се објасни што е потребно за да се направи тоа, што стои зад одлуките што треба да ги донесете. Но нашата одговорност е да погледнеме подалеку, во иднината, да кажеме: „Сакам да стигнам овде и морам да тргнам оттука, затоа што тоа е целта и ако не го сторам ова сега, никогаш нема да стигнам таму“. Мислам дека сите ние, почнувајќи од сопствениците, бордот, Еду како наш технички директор бевме многу доследни и обединети. Одлуката не е ваша или моја, тоа е наша одлука и се држиме до неа дури и ако правиме грешки – вели Артета.
Трошењето лани се чини сѐ пооправдано. Арон Рамсдејл, Бен Вајт, Мартин Одегард и Такехиро Томијасу одлично се покажаа сезонава. Летово ќе биде, исто така, важно како и минатото.
– Можеби и поважно. Сега е моментот кога треба да одиме на друго ниво. Успеавме да направиме подобра рамнотежа на тимот. Финансиски сме во многу постабилна позиција и сега е моментот да се крене квалитетот – вели Артета.
По заминувањето на Обамејанг, а и со тоа што договорите на Лаказет и Нкетија им истекуваат на крајот од сезоната, нов напаѓач сигурно ќе биде на врвот на агендата на клубот. Каков играч се бара за таа позиција?
– Тој што ќе ја смести топката во мрежата, тоа е приоритет број еден. Секој успешен тим треба да има доволно играчи што се закана за голот. Без тоа, немате ништо. Тој мора и да се согласува со другите околу него, лично и на теренот. Потребен ни е профил на играч со квалитети што ќе се дополнат со квалитетите на оние што веќе ги имаме, за да не мораме пак да го менуваме нашиот начин на игра и да му се приспособиме на тој специфичен играч. Тој мора да има одредена возраст, одредено ниво на искуство и мора да може да дојде тука и да игра под притисокот да биде во Арсенал – вели Артета.
„Најмладиот тим во лигата во моментов“
Арсенал го стави акцентот врз младоста минатото лето. Шест нови играчи беа на возраст од 23 или помалку години.
– Мислам дека сега можеме да бидеме пофлексибилни, бидејќи сме најмладиот тим во лигата во моментов. Мораме да внимаваме на балансот. Понекогаш, тоа не е поврзано само со возраста, бидејќи гледате играчи што имаат 23-24 години, но имаат кариера на некој што има 29 години. Потоа, станува збор за личноста, за лидерските квалитети што ги имаат. Понекогаш сме многу повеќе фокусирани на тоа отколку на возраста – вели тој.