Сити веќе забележа најмногу победи (34), најмногу на гости (18) во една календарска година во најсилната англиска лига. Постигнатите 106 гола во тој период, што е рекорд во Премиер-лигата, им помогнаа да освојат 104 од можните 126 бода, со 34-те победи и 23 меча без примен гол на 42 првенствени натпревари

ФУДБАЛ – ВО ШТО СЕ СОСТОИ ТАЈНАТА НА МАНЧЕСТЕР СИТИ?

Во судиското продолжение од мечот во англиската фудбалска Премиер-лига, Манчестер сити – Лидс (7-0), Кевин де Брујне во спринт, како да беше во тек првата минута, отрча по топката што беше надвор од теренот и се обиде што побрзо да го изведе аутот. Неговиот тим од поодамна го имаше решено мечот, но тоа како да не беше важно за Де Брујне. Имаше многу слични моменти во изминатите 12 месеци, кои ги отсликуваат карактерот и немилосрдноста на овој тим на Сити, но тој пример е најсвеж и најкарактеристичен, при 7-0, со спринт во 90 и некоја минута, пишува весникот „Телеграф“. Пеп Гвардиола нема да ја нарече 2021 совршена година. Болат поразите од Челси во финалето на Лигата на шампионите и во полуфиналето на ФА-купот, што значеше крај на надежите за тројна домашна круна. Но и покрај тоа, Сити и понатаму е најдобриот тим во земјата, противник што треба да се победи, машина за соборување рекорди, предвоена од сериски победник што едноставно не попушта.
– Уште сме на врвот. Не можам да кажам во декември колку титули ќе освоиме, но фантастично е сето она што го направивме претходниве години – вели Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити.
Сити има уште два меча во Премиер-лигата годинава, со Лестер дома (вчера) и со Брентфорд на гости в среда. Но досега тие веќе забележаа најмногу победи (34), најмногу на гости (18) во една година во најсилната англиска лига. Постигнатите 106 гола во тој период, што е рекорд во Премиер-лигата, им помогнаа да освојат 104 од можните 126 бода, со 34-те победи и 23 меча без примен гол на 42 првенствени средби. За волја на вистината, извонредниот период датира од поразот од Тотенхем (0-2) на 21 ноември минатата година. Оттогаш „граѓаните“ ретко кога ја симнуваа „ногата од педалот за гас“, па ќе бидат потребни огромен напор од Ливерпул или од Челси и голем пад во формата на Сити, за да не биде освоена нова титула во Премиер-лигата, четврта за пет сезони. Лани титулата беше освоена во периодот од крајот на ноември до почетокот на март за време на 19-те меча без пораз во лигата, како резултат на колективната одбранбена цврстина на Сити, како и на напаѓачкиот фудбал. Во тој период не беше примен гол на 13 меча, а противниците упатија само 32 удари кон нивниот гол. Од 18 натпревари досега, Сити победи на претходните осум, на 11 нивната мрежа остана незатресена, а противниците постигнаа само девет гола од 37-те удари. Тоа во просек се 2,06 удари кон гол по натпревар, најдобар ефект под водство на Гвардиола и најдобар во лигата.

Како следбеник на Јохан Кројф, Гвардиола отсекогаш работел според принципот дека најдобрата форма на одбрана е да се има топката во свој посед и таквата дизајнирана поставеност и игра на тимот му дозволува на Сити да има голема контрола над настаните на теренот.
– За да бидете стабилен како тим, треба да ја имате топката. Ако ги гледате нашите играчи поединечно, тие не се добри дефанзивци, но ја имаме топката. Топката и она што го правите со неа се единствената причина зошто сте стабилни. Со топката создавате шанси, а примате помалку голови – вели Гвардиола.
Но само поседот на топката не го објаснува успехот на Сити. Тие имаа голем посед на топката во текот на сезоната 2019/2020 и на почетокот од ланската, но беа ранливи при брзите транзиции. Сега на противничките тимови им е многу потешко да ги загрозат од контри, како, на пример, Лестер, кога го победи Сити со 5-2 на гости во септември лани. Позиционирањето на Сити и кратките остри додавања им овозможуваат брзо да се прегрупираат ако противникот ја префрли топката на нивната половина. Тие ги принудуваат противниците да играат пошироко или подалеку од нивниот гол, а нивната вештина и комбинаторна игра на пошироки делови од теренот значи дека загубата на топката не е во опасни позиции, со можност за контри, туку во области каде што е ограничен просторот. Тие, исто така, ги намалија индивидуалните грешки. Сити направи само две грешки што доведоа до шут во лигата сезонава. Спротивно на тоа, Манчестер јунајтед и Арсенал имаат 13 и 14. Помага и тоа што во Едерсон имаат одличен голман и од дефанзивна и од офанзивна гледна точка. Гвардиола го оценува Бразилецот како едно од најдобрите купувања на Сити досега. Од напаѓачка перспектива, Гвардиола се врати на тактиката крилните играчи да играат високо и широко (како Лирој Сане и Рахим Стерлинг во 2017/2018), со што ги принудува противничките бекови да останат на нивните позиции и создава простор за играчи со „број 8“, како Бернардо Силва и Илкај Гундоган да го нападнат шеснаесетникот однадвор. Не е изненадување што Гундоган беше најдобар стрелец на Сити во лигата минатата сезона, а Силва досега сезонава. Таквата стратегија имаше дополнителна придобивка и од Жоао Кансело, бекот на Сити, кој стана плејмејкер, на помали, одредени простори од теренот.

Дали ова е најдобриот тим од Сити што го создал Гвардиола е дискутабилно, но секако е најизбалансиран. Повеќе од кога било, силата е во колективот, а системот е најбитен. Не треба да се заборави дека некои од најголемите имиња на Сити, како Де Брујне и Стерлинг, имаа забележителен пад на формата во различни периоди од годинава, кога клубот се збогуваше со уште една легенда во Серхио Агуеро, загуба што ја апсорбираше речиси без напор. Системот е толку добро усовршен што Сити сега може удобно да се справи со промените во персоналот и со отсуствата на некои врвни, битни играчи што може да биде голем хендикеп за повеќето тимови.