Потекнува од спортско семејство, откако фудбалски кариери имаа неговиот татко (Ковентри сити, Селтик, Престон), вујко (извршен директор во три клуба), дедо (селектор на Велс и на Вимблдон, веројатно најголемото изненадување во ФА-купот во 1988 година). Но Мет сега има своја приказна, која може да се мери со која било на неговите предци

ФУДБАЛ – МЕТ ГУЛД, ГОЛМАН НА НОВ ЗЕЛАНД

Патот на голманот Мет Гулд (28) во меѓународниот фудбал е далеку од конвенционален, како што може да се очекува, со оглед на неговото семејно потекло. Неговиот татко Џонатан го чуваше голот најмногу за Ковентри сити, Селтик, каде што двапати беше првак, и Престон норт енд, пред да замине да игра во Нов Зеланд. Неговиот вујко Ричард беше извршен директор и во Сомерсет и во Сари, пред да ја преземе истата улога во Бристол сити. Негов дедо е Боби Гулд, кој освен што постигнуваше голови за осум клуба, беше селектор на Велс, а го оркестрираше и веројатно најголемото изненадување во финале на ФА-купот, кога на стадионот „Вембли“ неговиот Вимблдон го победи Ливерпул во 1988 година.
Но Мет сега има своја приказна, која може да се мери со која било на неговите предци во спортското семејство Гулд, пишува „Би-би-си“. За претходните два меча, а можеби и уште малку повеќе, голманот на Нантвич таун и тренер на голманите во Академијата на Виган беше во Катар со репрезентацијата на Нов Зеланд за квалификациите за пласман на Светското првенство годинава во Катар. Повикан како замена, кога еден од првиот тим мораше да се повлече откако беше позитивен на ковид-19, Гулд доби неочекуван повик.
– Пораснав во Нов Зеланд. Уште е место што го нарекувам дом. Горд сум на можноста да ја претставувам земјата. Првпат бев повикан од Нов Зеланд на турнир до 17 години, кој, исто така, беше во Катар, но не настапив, се повредив, но убаво е што ме имаат на ум сите овие години – вели тој.
Кариерата на Гулд почна во Челтенхем таун и досега беше во два шкотски клуба, Ливингстон и Стенхаусмуир, потоа во Стурбриџ таун, Спеннимур јунајтед и Алтринчам. Но во претходните четири месеца Гулд е и во Виган, работејќи како тренер во академијата. Да не беше флексибилноста на клубот, тој немаше да може да го заземе своето место во Катар.

Гулд, позајмен од Алтринчам на седмолигашот Нантвич во октомври, уживаше во славата на последователните мечеви без примен гол, кога го доби својот меѓународен повик. Гулд досега беше на клупата за победата со 1-0 над Папуа Нова Гвинеја, победата со 4-0 над Фиџи, во која напаѓачот на Њукасл, Крис Вуд постигна два гола за да го собори меѓународниот рекорд на неговата репрезентација, а потоа и во победата со 7-1 во четвртокот над Нова Каледонија, кога Вуд постигна уште два гола.
Засега, откако освои максимални бодови за прво место во квалификациите за пласман во плејофот во Океанија, група Б, прва цел на Гулд е да биде во полуфиналето неделава против второпласираниот од групата А, Тахити, и можното финале со победникот од другото полуфинале, Соломонски Острови – Папуа Нова Гвинеја. Потоа следува интерконтинентален плејоф со четвртопласираната селекција од Северна Америка. Нов Зеланд претходно на СП играше во Шпанија, во 1982 година, и во Јужна Африка, во 2010 година.