Рафиња израмни рекорд на Меси и се доближи до остварување на Роналдо. Левандовски е првиот во ЛШ со барем 10 гола во една сезона за три клуба. Јамал е најмладиот во ЛШ со 20 одиграни меча и најефикасен во категоријата фудбалери до 18 години. Тројцата беа стрелци во победата во првиот четвртфинален меч со Борусија Д., со 4-0, и досега сезонава постигнаа 82 гола
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Бразилскиот напаѓач Рафиња ја води Барселона во трката по тројна круна сезонава, откако тимот има четири бода предност на врвот во Ла лига, ќе игра во финалето на шпанскиот куп, а во средата оствари висока предност пред реваншот во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) со победата со 4-0 на натпреварот дома со Борусија Дортмунд, пишува „Би-би-си“.
Рафиња ја ужива убедливо најдобрата сезона во кариерата, со 28 гола и 20 асистенции во сите натпреварувања. На мечот со Борусија Дортмунд го израмни клупскиот рекорд на Лионел Меси за учество во постигнување голови во една сезона во Лигата на шампионите, откако постигна еден гол и асистираше на погодоците на Роберт Левандовски и на Ламине Јамал, со што сега има учество во 19 гола во 11 натпревари сезонава, колку што имаше Меси на 11 натпревари во сезоната 2011/2012. Уште три и Рафиња ќе го собори рекордот на сите времиња во Лигата на шампионите, поставен во сезоната 2013/2014, кога Кристијано Роналдо придонесе за 21 гол во 11 натпревари додека беше во Реал Мадрид, пишува „Би-би-си“.
Полскиот напаѓач Левандовски со два гола на дуелот со поранешниот клуб од Дортмунд сега има 99 погодока во 140 натпревари за Барселона, а тој стана и првиот фудбалер во најдобрите пет европски првенства што постигнал 40 гола во сите натпреварувања сезонава. Левандовски исто така стана првиот фудбалер во историјата на Лигата на шампионите што постигнал 10 или повеќе погодока во една сезона за три различни клуба, Борусија Дортмунд, Баерн и Барселона.
Додека Рафиња со голот се задржа на врвот на листата на стрелците во Лигата на шампионите сезонава со вкупно 12 погодока, Левандовски ги прескокна Хари Кејн и Серху Гираси и е на второто место со 11 гола. Двајца соиграчи што ги заземаат првите две места на листата на најдобри стрелци во Лигата на шампионите е доста ретко, тоа се случи само двапати во претходните 20 години, откако Левандовски и тогашниот негов соиграч од Баерн, Серж Гнабри го направија тоа во сезоната 2019/2020 (24 гола заедно), а Нејмар и Меси го постигнаа истото тоа за Барселона во сезоната 2014/2015 (20 погодока заедно), пишува „Би-би-си“. Истото тоа се случи и во четири други сезони на натпреварувањето.
Но Рафиња и Левандовски се само две третини од ефикасното напаѓачко трио на Барселона, бидејќи 17-годишниот Јамал постигна 14 гола и асистира за уште 18 сезонава, а заедно постигнаа 82 гола сезонава. Јамал е првиот играч помлад од 18 години што забележал 20 настапи во Лигата на шампионите (со исклучок на квалификациите) и постигна повеќе голови (четири) во категоријата фудбалери до 18 години од кој било друг фудбалер во историјата на Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Арсенал – Реал М. 3-0
2. Баерн – Интер 1-2
3. ПСЖ – Астон вила 3-1
4. Барселона – Борусија Д. 4-0
реваншите се идната недела
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 3
Победник 4 – Победник 2