Освојувањето на првото место ќе донесе и можност Македонија да настапи во плејофот за пласман на СП 2026. Македонската репрезентација по четири кола го има најубедливото водство пред второпласираните селекции во сите четири лиги, таа е во серија од три победи и мечеви без примен гол…
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ВЕЧЕРВА ДУЕЛ СО ЛЕТОНИЈА
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (од 20.45 часот) на мечот со Летонија игра за потврда на првото место во групата четири на лигата Ц и со тоа за прв пласман во лигата Б на Лигата на нациите. Македонија по четири кола води во групата со 10 бода, по четири повеќе од Ерменија и од Летонија и девет од Фарски Острови, и за заверка на првото место ѝ треба еден бод. Македонија во првата сезона на Лигата на нациите играше во лигата Д, потоа во следните три во лигата Ц, а сега е пред влез во лигата Б.
Освојувањето на првото место во групата ќе донесе и можност Македонија да настапи во плејофот за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година во САД, Мексико и во Канада. Во тој плејоф ќе играат четири од 14-те селекции што ќе бидат победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д, но кои во квалификациите за пласман на Мундијалот нема да ги освојат првите две места во своите квалификациски групи. Првопласираните во 12-те квалификациски групи директно ќе обезбедат настап на СП 2026, а во плејофот, за одредување уште на четири учесници од Европа, ќе играат 12-те второпласирани во тие квалификациски групи и четири селекции од Лигата на нациите.
Македонија и Летонија досега одиграа четири меѓусебни натпревари и во сите победи Македонија, и тоа со 2-1 во пријателската средба во 2014 година во Скопје, потоа со 3-1 дома и со 2-0 на гости во 2019 година, во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, како и со 3-0 на гости, во октомври годинава, во Лигата на нациите.
По четири кола, македонската репрезентација го има најубедливото водство пред второпласираните селекции во сите 14 групи во сите четири лиги, А, Б, Ц и Д, со шест бода. Пет бода повеќе на врвот на својата група има Германија (лига А, група 3), ниту една селекција нема водство од четири бода, по три бода предност имаат четири репрезентации… Црвено-жолтите се во серија од три меча без примен гол, серија што досега беше забележана уште трипати, но сега има можност за рекорд, а играат и за јубилејниот 80-ти натпревар без примен погодок. Мрежата на голманот Столе Димитриевски мирува веќе 351 минута во низа (три средби и 81 минута од дуелот со Фарски Острови, кој заврши со реми 1-1, во првото коло). Македонија, која во овој циклус на Лигата на нациите прими само еден гол, и тој од пенал, вечерва може да израмни рекордна серија од четири победи по ред и првпат во официјални средби (дуели во Лигата на нациите, квалификации за европски и светски првенства)… Н.М.
ЛИГА Ц, ГРУПА 4
Ерменија – Ф. Острови 18 ч.
Македонија – Летонија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 4 3 1 0 8-1 10
Ерменија 4 1 1 2 6-7 4
Летонија 4 1 1 2 3-8 4
Ф. Острови 4 0 3 1 4-5 3