Европските клупски натпреварувања порано имаа зимска пауза до март, мечевите во февруари се играат од 2001 година, а од сезонава и во јануари
ФУДБАЛ
Првите натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) што ќе се играат во јануари на програмата се вечерва, а вклучуваат неколку важни дуели за пласман во следната рунда на дебитантска сезона со формат со 36 тима. Европските клупски натпреварувања во минатото имаа зимска пауза до март. Мечевите во февруари почнаа да се играат во 2001 година во ЛШ, кога се воведе нов формат со втора групна фаза, а февруари остана во календарот кога почна форматот со осминафинале во 2004 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Кога Европската фудбалска унија во 2022 година го донесе актуелниот формат на натпреварувањето, потребни беа мечеви и во јануари, иако некои лиги сезоните ги почнуваат до март, а други имаат пауза, пишува АП. Најдобрите осум на табелата по осмото коло ќе се пласираат во осминафиналето. По шест кола, Ливерпул и Барселона се единствените два тима што се сигурни дека ќе бидат меѓу првите 24 клуба. Тимовите од деветтото до 24-то место ќе играат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри сезонава. Екипите од 25-то до 36-то место ќе ја завршат европската сезона.
Двојки за денеска: Аталанта – Штурм, Монако – Астон вила (двете од 18.45 часот), Атлетико Мадрид – Баер, Болоња – Борусија Дортмунд, Клуб Бриж – Јувентус, Црвена звезда – ПСВ Ајндховен, Ливерпул – Лил, Слован Братислава – Штутгарт и Бенфика – Барселона (сите од 21 ч.) Утре играат Лајпциг – Спортинг, Шахтер – Брест (двете од 18.45 ч.), Реал Мадрид – Салцбург, Пари сен Жермен – Манчестер сити, Спарта Прага – Интер, Арсенал – Динамо Загреб, Селтик – Јанг бојс, Феенорд – Баерн и Милан – Џирона (сите од 21 ч.).
Табела: Ливерпул 18 бода, Барселона 15, Арсенал, Баер, Астон вила, Интер, Брест и Лил по 13, Борусија, Баерн, Атлетико и Милан по 12, Аталанта и Јувентус по 11, Бенфика, Монако, Спортинг, Феенорд и Клуб Бриж по 10, Реал и Селтик по девет, Манчестер сити, ПСВ и Динамо по осум, Пари сен Жермен и Штутгарт по седум, Шахтер и Спарта по четири, Штурм, Џирона, Црвена звезда и Салцбург по три, Болоња два, Лајпциг, Слован и Јанг бојс без бодови. Н.М.