Првенството на Јужна Америка се одржува од 1916 година, годинава вторпат се игра во САД, а 12-ти пат настапуваат и репрезентации од други континенти. Аргентина ја почна одбраната на титулата со победа на мечот со дебитантот Канада
Актуелниот првак Аргентина го победи дебитантот Канада со 2-0 и со тој меч почна најстариот континентален фудбалски шампионат во светот, првенството на Јужна Америка, Копа Америка, која се игра од 1916 година. Годинава вторпат првенството се игра надвор од Јужна Америка, во САД, кои беа домаќин и во 2016 година, на јубилејната Копа Америка, по повод стогодишнината од првото првенство.
Годинашниот шампионат со победи го почнаа Венецуела и Мексико во групата Б (2-1 на дуелот со Еквадор, односно 1-0 на мечот со Јамајка). Во групата А Перу и Чиле ремизираа без голови. Во другите натпревари од првото коло се среќаваат САД – Боливија, Уругвај – Панама (група Ц), Колумбија – Парагвај и Бразил – Костарика (група Д). По трите кола, првите две селекции од секоја група ќе се пласираат во четврт-финалето.
Најмногу трофеи досега освоија првиот шампион Уругвај и победникот на минатата Копа Америка, Аргентина, по 15. Континентални прваци биле и Бразил (девет пати), Парагвај, Чиле, Перу (по двапати), Боливија и Колумбија (по еднаш). Годинашното фудбалско првенство на Јужна Америка е 48. по ред, а 12-ти пат играат и репрезентации од други континенти (досега настапуваа Костарика, Хаити, Хондурас, Јамајка, Јапонија, Мексико, Панама, Катар и САД, годинава и Канада, а најмногу успеси има Мексико, кое беше финалист во 1993 и во 2001 година).
Од другите континентални фудбалски натпреварувања, првенствата на Азија се играат од 1956 година, шампионатите на Африка од 1957-та, европските првенства од 1960-та, Купот на Океанија од 1973-та, а првенствата на Северна Америка од 1991 година. Светските првенства, пак, се играат од 1930 година. Н.М.