Фото: Игор Бансколиев

Во пресрет на новата сезона, „Би-би-си“ издвои неколкумина можни кандидати за наградата што треба да биде доделена во 2024 година за настапите во сезоната што претстои

ФУДБАЛ

Во минатите петнаесетина години во трката за наградата „златна топка“ за најдобар фудбалер на годината доминираа Кристијано Роналдо и Лионел Меси, кои го освојуваа трофејот најмногу пати, Карим Бензема е добитник на наградата за 2022 година, а во овој период славеше и Лука Модриќ, во 2018 година. Меси е сериозен кандидат да ја освои „златната топка“ годинава, откако во декември ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство. Во пресрет на новата сезона, „Би-би-си“ издвои неколкумина можни кандидати за наградата „златна топка“ што треба да биде доделена во 2024 година за настапите во сезоната што претстои.
– Џуд Белингем (Реал Мадрид). Еден од најдобрите играчи на минатогодишното Светско првенство во Катар, Белингем стана третиот најскап тинејџер во историјата и вториот најскап англиски фудбалер на сите времиња кога му се приклучи на Реал Мадрид за првични 103 милиони евра. Тој во октомври минатата година стана најмладиот капитен на Борусија Дортмунд, на само 19 години. Во минатата сезона тој постигна 14 гола и имаше седум асистенции на 42 настапи.

– Ерлинг Холанд (Манчестер сити). Првиот играч што ги освоил наградите за играч во Премиер-лигата и за најдобар млад играч на годината во истата сезона, Норвежанецот е можеби најочигледниот наследник на Роналдо, Меси и на другите, пишува „Би-би-си“. Холанд постави многу рекорди во својата дебитантска сезона во Англија со својот резултат од 36 гола соборувајќи го претходниот рекорд што го делеа Алан Ширер и Енди Кол. Холанд во минатата сезона постигна 52 гола на 53 настапи, што го прави втор играч во историјата на англиската врвна лига и прв по 95 години што постигнал повеќе од 50 гола во сите натпреварувања. Веќе има 229 гола во кариерата за клуб и за репрезентација и тој може да го собори рекордот на Роналдо на сите времиња од 837 погодока, пишува „Би-би-си“.
– Винисиус Жуниор (Реал Мадрид). По победата на мечот со Ливерпул во осминафиналето на Лигата на шампионите во март, тренерот Карло Анчелоти го нарече Винисиус „најодлучувачкиот играч во светот – оној што најмногу ги одредува натпреварите на конзистентна основа“. Бразилецот имаше 23 гола и 21 асистенција во сите натпреварувања сезонава, трето место во најсилните европски лиги, зад Холанд и Килијан Мбапе.

– Килијан Мбапе (Пари сен Жермен). Французинот постигна 212 гола и оствари 98 асистенции на 260 натпревари откако му се приклучи на Пари сен Жермен од Монако во 2017 година, придонесувајќи за освојување 13 домашни трофеи со клубот. Мбапе, кој беше составен дел од триумфот на Франција на Светското првенство во 2018 година, забележа 38 гола во 88 настапи за репрезентацијата, ставајќи се на петтото место на листата на стрелци на сите времиња и само 15 гола зад актуелниот рекордер Оливие Жиру.
– Нејмар (Пари сен Жермен). Статусот на Бразилецот како една од најголемите ѕвезди останува неоспорен. Крилниот напаѓач во минатата сезона забележа 35 гола во сите натпреварувања, иако ги пропушти последните три месеци од сезоната поради повреда. Во ноември Нејмар го израмни „официјалниот“ рекорд за најдобар стрелец на Пеле, од 77 гола за Бразил, со својот гол во четврт-финалето на Светското првенство против Хрватска. Н.М.