Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Јубилејната 70-та сезона во најсилното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), почна со неколку рекорди. Така, Хари Кејн стана 17-от фудбалер што постигнал четири гола на еден меч, но прв што трипати ја затресе мрежата на противникот со удар од пенал на еден натпревар. Тој го стори тоа во победата на Баерн на дуелот дома со Динамо Загреб со 9-2, во првото коло на новата сезона завчера.

Рекордери со по пет погодока на еден меч се Лионел Меси (Барселона), Луиз Адријано (Шахтер) и Ерлинг Холанд (Манчестер сити), пишува Европската фудбалска унија на чија листа на стрелци на по четири гола на еден натпревар се и Марко ван Бастен (Милан), Симоне Инзаги (Лацио), Дадо Пршо (Монако), Руд ван Нистелрој (Манчестер јунајтед), Андриј Шевченко (Милан), Лионел Меси (Барселона), Бафетимби Гомис (Лион), Марио Гомез (Баерн), Роберт Левандовски (за Борусија Дортмунд и за Баерн), Златан Ибрахимовиќ (Пари сен Жермен), Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Серж Гнабри (Баерн), Јосип Иличиќ (Аталанта), Оливие Жиру (Челси) и Себастиен Алер (Ајакс).

Томас Милер (Баерн) стана фудбалерот со најмногу настапи за еден клуб во ЛШ, откако мечот со Динамо беше 152. за него. Тој сега има еден повеќе од Чави, кој за Барселона одигра 151 натпревар, а на таа листа потоа следуваат Икер Касилјас со 150 за Реал Мадрид, Лионел Меси со 149 за Барселона…

Други резултати од првото коло во вторникот: Јанг бојс – Астон вила 0-3, Јувентус – ПСВ Ајндховен 3-1, Милан – Ливерпул 1-3, Реал Мадрид – Штутгарт 3-1, Спортинг – Лил 2-0. Синоќа играа Спарта – Салцбург, Болоња – Шахтер, Селтик – Слован, Клуб Бриж – Борусија Дортмунд, Манчестер сити – Интер и Пари сен Жермен – Џирона. Денеска се среќаваат Феенорд – Баер, Црвена звезда – Бенфика (двете од 18.45 ч.), Монако – Барселона, Аталанта – Арсенал, Атлетико Мадрид – Лајпциг и Брест – Штурм (сите од 21 ч.).