Момент од мечот во Палермо/Фото: Твитер - Фудбалска федерација на Македонија

Ветеранот Џорџо Киелини не може да поверува што ѝ се случи на италијанската фудбалска репрезентација на вечерашниот дуел со Македонија 0-1, во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Искусниот дефанзивец влезе во игра во самата завршница на средбата, непосредно пред решавачкиот гол на Александар Трајковски. Киелини чиј настап беше доведен во прашање поради проблеми со повреда, пред дуелот во Палермо истакна дека Италија не смее да се плаши од Македонија.

Џорџо Киелини/Фото: Принт-скрин

– Тешко е да се објасни. Огромно разочарување за нас. Одигравме добар натпревар, но не можевме да постигнеме гол. Од септември до денес направивме грешки и плативме за нив. Јасно е дека сме уништени и здробени, ќе остане голема празнина во нас. Имаме многу добри млади играчи и ќе се обидеме да одиме да го освоиме следното ЕП и да се пласираме на СП 2026. Вечерва не примивме ништо освен голот. Создадовме многу шанси, но за жал не успеавме да реализираме. Се надевам дека оваа празнина ќе ни даде поттик да започнеме повторно. Сѐ уште се надевам, затоа што Манчини се покажа како одличен тренер и може да ни помогне да се рестартираме – истакна Киелини.

Италијанските фудбалери беа испратени со свирежи од теренот во Палермо, додека Македонија го славеше пласманот во финалето на баражот, во кое ќе се сретне со Португалија во Лисабон, во вторник.


Газета: Трајковски ни приреди катастрофа, збогум Мундијал

Италијанските медиуми не можат да го преболат поразот од македонската фудбалска селекција, која вечерва во Палермо го совлада актуелниот европски шампион со 1-0 и се избори за финале во плејофот за пласман на Светското првенство.

– Збогум Мундијал, збогум Европско, збогум сè. Опсада во текот на целиот натпревар која се покажа бескорисна, а во 47-та минута од вториот дел, кога сите сега чекаат продолженија, по уште еден натпревар во кој веќе не знаеме да победиме, топка до Трајковски, екс фудбалерот на Палермо, и неверојатен удар од над дваесет метри. Совладан Донарума, а Италија на колена. Катастрофа. Италија – Македонија 0-1. Авантурата заврши, Италија ја нема, играта на Манчини веќе не постои, а можеби ќе се спасат Бастони, Верати, малку Флоренци и Распадори. Останатите не. Имобиле и Инсиње, лош Манчини, лош Барела, Жоржињо многу далеку од тоа што беше. Заслужуваме да останеме надвор од Светското првенство. Македонија оди во разигрување со Португалија. Се вративме во апокалипсата. За жал, малку, но не е доволно – пишува „Газета дело спорт“.


Манчини: Премногу е рано да зборувам за мојата иднина

Италијанскиот селектор Роберто Манчини го смета поразот од Македонија (0-1) за негово најголемо разочарување, откако по вечерашниот меч во Палермо се осврна и на освојувањето на претходното Европско првенство.

– Тоа беше најубавото искуство во мојот живот, ова беше најголемото разочарување. Прерано е да се зборува за иднината. Не можеме да кажеме ништо, тоа е фудбалот, понекогаш се случуваат неверојатни работи и тоа се случи. Морам да кажам, сега повеќе се грижам за моите момци отколку во јули. Ова е толку тежок момент, мојата наклонетост кон нив е огромна. Премногу е рано да се каже што ќе се случи понатаму, бидејќи има такво разочарување, но во исто време ова е тим од одлични играчи со светла иднина – изјави Манчини.

Италија го пропушта Светското првенство вторпат едноподруго.