Челниците на Премиер-лигата се состанаа во четвртокот за да разговараат за долгорочните стратегиски планови за натпреварувањето пред редовниот состанок на акционерите. Спротивставувањето на новата верзија на суперлигата не произлезе само од Англија, со изјава се јавија и шпанската Ла лига, Европската клупска асоцијација, Европските лиги, Здружението на фудбалски поддржувачи…
Неколку клуба од англиската фудбалска Премиер-лига приватно се оградија од предложената нова верзија на европската суперлига, пишува „Скај спорт“. Бернд Рајхарт, извршниот директор на А22, организатори на најновите предлози на европската суперлига, ги најави ревидираните планови за промена на структурата и управувањето на европскиот фудбал.
– Нема „кој“ или „како“, ниту какви било механизми и суштина што може да се докаже – вели високиот извршен директор на клубот.
Повелбата на сопствениците на дивизијата за сезоната 2022/2023, дизајнирана да спречи каква било идна закана за отцепување и потпишана од сите 20 клуба, гласи: „Ние сме колективно посветени на Премиер-лигата и ја препознаваме нашата одговорност да ја поддржиме. Нема да се вклучиме во создавањето нови натпреварувачки формати надвор од правилата на Премиер-лигата“, пренесува „Скај спорт“.
Последниот потег на суперлигата се смета за обид да се генерира добра волја пред пресудата на Европскиот суд на правдата подоцна годинава за легитимната моќ на Европската фудбалска унија (УЕФА) над клупските натпреварувања, пишува „Скај спорт“. На суперлигата ѝ беше зададен удар во декември, кога необврзувачкиот совет од генералниот адвокат до судот беше дека ограничувањата што УЕФА и Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги наметнуваат во однос на фудбалот се компатибилни со правото на ЕУ за конкуренција, пишува „Скај спорт“.
Челниците на Премиер-лигата се состанаа во четвртокот за да разговараат за долгорочните стратегиски планови за натпреварувањето пред редовниот состанок на акционерите. Ова веќе беше во дневникот пред да биде објавено соопштението за печатот на суперлигата. Противставувањето на новата верзија на суперлигата не произлезе само од Англија, со изјавата на шпанската Ла Лига која го спореди со „волкот во приказната за Црвенкапа“.
– Тоа се маскира во отворен и меритократски натпревар, но одоздола уште постои истиот себичен, елитистички и водени од алчност проект. Не дозволувајте нивните приказни да ве измамат – додаде шпанскиот фудбалски врв, пренесува „Скај спорт“.
Претседателот на Ла Лига Хавиер Тебас рече: „Суперлигата е волкот, кој денес се маскира во баба за да се обиде да го измами европскиот фудбал. Четири дивизии во Европа? Се разбира првата за нив, како во реформата во 2019 година. Владеење на клубовите? Се разбира само големите“.
На прашањето дали суперлигата треба да има тимови од Премиер-лигата за да може да напредува, извршниот директор на А22, Бернд Рајхарт, призна дека англиските тимови не се неопходност.
– Овој проект не зависи од една конкретна територија што треба да се приклучи. Ништо не исклучувам. Наша желба би била да го имаме најдобриот европски турнир. Тоа и понатаму е целта. Веруваме дека другите европски клупски натпреварувања не ги исполнуваат своите потенцијали. Европските клупски натпреварувања треба да бидат возбудливи. Мислиме дека првите фази имаат многу незначајни натпревари што би можеле да бидат исполнети со многу повеќе возбудувања. Премиер-лигата е добар пример за тоа како има најдобри натпревари со врвни играчи. Ако една земја, ФА, една лига не може да се приклучи и нема да се приклучи на европското натпреварување, овој проект нема да умре – изјави тој ексклузивно за „Скај спорт“ во четвртокот.
Европската клупска асоцијација (ЕКА) ги повтори ставовите на Ла лига за новите планови.
– Ова е само уште еден намерно искривен и погрешен обид да се дестабилизира конструктивната работа што моментно се одвива меѓу вистинските чинители во фудбалот за да се придвижат работите напред во вкупниот најдобар интерес на европската клупска игра. Како единствена организација признаена од ФИФА и од УЕФА што ги претставува клубовите на европско и на меѓународно ниво и единствено тело преку кое клубовите имаат вистинска застапеност во нивното одлучување, ЕКА го повторува своето долгогодишно противење на европската суперлига и секој отцепен проект. Голем напредок и позитивни промени постигнаа ЕКА во претходните години во соработка со сите фудбалски чинители, УЕФА, ФИФА и конфедерациите, националните асоцијации, лигите, навивачите, играчите и клубовите од сите големини, кои работат во корист на целиот европски фудбалски екосистем. Од 2024 година повеќе клубови од повеќе земји ќе учествуваат во европските машки клупски натпреварувања секоја сезона, зголемувајќи ја страста на европскиот фудбал и значително зголемувајќи го износот на приходите што се делат. Може да се забележи значителен напредок во другите аспекти на играта, од женскиот фудбал, младите и развојот на академиите, финансиите и регулативата до одржливоста и социјалното влијание – соопшти ЕКА.
Во соопштението на Европските лиги (ЕЛ) се вели: „Европските лиги се многу изненадени од изјавата на А22, која се однесува на отворен консултативен процес и неговите резултати. Европските лиги, телото што официјално ги застапува интересите на 40 домашни организатори на натпревари што доаѓаат од 34 земји во Европа и 1.092 клуба, никогаш не се сретнале со А22 и не биле консултирани. Лигите целосно го поддржуваат актуелниот европски клупски фудбалски модел, кој се заснова на отворена пирамидална структура со промоција и испаѓање од грасрут до професионален фудбал на домашно ниво, и каде што квалификациите за клупските натпреварувања на УЕФА се засноваат на годишниот настап во домашните натпреварувања. Овој модел е далеку од скршен и не треба да се поправа“.
Противењето на навивачите на плановите за 2021 година беше особено клучно за запирање на проектот.
– Нивната најнова идеја е да имаат „отворен натпревар“ наместо затворен, што тие првично предложија, што доведе до огромни протести на навивачите. Се разбира дека веќе постои отворено натпреварување за врвните европски клубови, тоа се нарекува Лига на шампиони – вели, меѓу другото, извршниот директор на Здружението на фудбалски поддржувачи, Кевин Мајлс, пренесува „Скај спорт“.
Што веќе се случи досега? Во октомври Бернд Рајхарт, извршниот директор на А22, откри дека европската суперлига со нов изглед би можела да биде во функција до сезоната 2024/2025. Европската суперлига првично беше лансирана во април 2021 година со 12 основачки членови, Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Милан, Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид, кои постојано ќе учествуваа во натпреварувањето. Планот брзо пропадна откако шесте премиерлигашки клуба се повлекоа пред жестоките критики од поддржувачите, експертите, клубовите и медиумите, а Јувентус, Барселона и Реал Мадрид остануваат посветени на концептот. Н.М.
Приказната за европската суперлига
1990-ти Богатите европски клубови упатуваат прикриени закани дека ќе се одвојат во суперлига за да ја притиснат УЕФА да им даде повеќе пари од Лигата на шампионите и да има промени во форматот во нивна корист.
2008 г. Европската клупска асоцијација е создадена за да постигне долгорочен мир со УЕФА и да ги привлече клупските лидери на консултации во Лигата на шампионите.
2019 г. Планот поддржан од ЕКА за полузатворена Лига на шампиони во 2024 година пропадна поради реакциите од лигите и клубовите од среден ранг.
Октомври 2020 г. Претседателот на Барселона, Жозеп Бартомеу, го откри планот за суперлигата во говорот за оставка.
Декември 2020 г. УЕФА работи на планот на Лигата на шампионите со 36 тима, кој ќе почне во 2024 година, што им дава на клубовите дополнителните мечеви и пари што ги барале.
Јануари 2021 г. Се појавија извештаи за планот на суперлигата, УЕФА и ФИФА се обединија за да се спротивстават, се закануваат со забрани за играчите што учествуваат.
8 март 2021 г. Претседателот на ЕКА, Андреа Ањели од Јувентус, ги пофали предложените промени на УЕФА за Лигата на шампионите, го нарекува „убав“ форматот од 36 тима.
29-31 март 2021 г. Состаноци ЕКА-УЕФА за потпишување на форматот на Лигата на шампионите со 36 тима. Клубовите од суперлигата почнаа да вршат притисок за поголема финансиска контрола на натпреварувањето отколку што нуди УЕФА. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ги отфрли нивните барања
16 април 2021 г. Управниот одбор на ЕКА и Комитетот за клупски натпреварувања на УЕФА ги потпишуваат промените во Лигата на шампионите без никакво несогласување пред очекуваната одлука на состанокот на извршниот комитет на УЕФА.
17 април 2021 г. Се појавија гласини за претстојниот план на суперлигата.
18 април 2021 г. Извештаите за најава на суперлигата предизвикуваат бурни реакции кај поранешните играчи и францускиот претседател Емануел Макрон. Суперлигата со 12 екипи подоцна е објавена во координирани изјави од клубовите. Ањели поднесе оставка како претседател на ЕКА и од извршниот комитет на УЕФА.
19 април 2021 г. Извршниот комитет на УЕФА го потврди обновувањето на Лигата на шампионите со 36 екипи. Британската влада предупредува на нова легислатива за сопственоста на клубови, која ќе помогне да се блокира суперлигата. Чеферин предупредува дека играчите од суперлигата може да добијат забрана за учество во нивните репрезентации. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, изјави дека не ја сака суперлигата. Навивачи протестираат на стадионите на Ливерпул и на Лидс, каде што тимот игра таа вечер.
20 април 2021 г. Претседателот на Реал Мадрид, Перез, го прекинува молкот во шпанско шоу. Тој тврди дека проектот ќе го спаси европскиот фудбал. На годишниот состанок на УЕФА подоцна истото утро, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, рече дека не го одобрува проектот за суперлигата. Чеферин држи силен говор против сопствениците на клубовите, а истовремено поканува и некои во Англија да се премислат. Преостанатите 14 клуба од Премиер-лигата во Англија се состануваат за да разговараат. Проектот пука навечер. Први се повлекуваат Манчестер сити и Челси. До полноќ во аут се сите шест англиски клуба.
Извор: Скај спорт