Собранието треба да расправа по предлогот што премиерот Димитар Ковачевски го достави за реконструкција на Владата, за четворица министри и пет заменик-министри, откако вчера ги заокружи преговорите за влез во владиното мнозинство на Алијансата за Албанците.
Нови кадровски решенија има за министерствата за правда, за здравство, за информатичко општество и администрација, каде што доаѓаат кадри од АА, и за животна средина и просторно планирање, каде што наместо ДУИ, ќе раководи СДСМ.
За министер што ќе раководи со Министерството за правда е предложен Кренар Лога. За министер за здравство е предложен Фатмир Меџити. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Азир Алиу. За министерка за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова.
Со реконструкцијата се опфатени и заменик-министри во пет министерства, за одбрана, за правда, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за образование и наука и за здравство.
За заменик-министер во Министерството за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците. За заменик-министерка за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ. За заменик-министерка за здравство е предложена Маја Манолева. За заменик-министерка за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложена Вјолца Бериша од Алијанса за Албанците. За заменик-министер во Министерството за образование и наука е предложен Агим Нихиу од ДУИ.