Фото: Игор Бансколиев

Тоа е прва поголема реформа на финансиските регулативи на УЕФА од воведувањето во 2010 година. Новите регулативи почнуваат да важат овој месец и се со постепена имплементација во следните три години

ФУДБАЛ – УЕФА НАПРАВИ ИЗМЕНИ НА ФИНАНСИСКИТЕ РЕГУЛАТИВИ

Европската фудбалска унија (УЕФА) воведе сет нови финансиски регулативи, што е прва поголема реформа на финансиските регулативи на УЕФА од воведувањето во 2010 година, пишува Европската фудбалска унија во својот извештај „УЕФА директ“. Новите правила почнуваат да важат овој месец и се со постепена имплементација во следните три години.
Целта е клубовите да имаат поголема финансиска стабилност, да се заштити фудбалот на долг рок и да се обнови фудбалската одржливост, пишува во извештајот. Трите клучни точки се клубовите да бидат солвентни, стабилни и да ги држат трошоците под контрола, пишува „УЕФА директ“. Пакетот нови мерки, исто така, ги охрабруваат клубовите да инвестираат во инфраструктурата и во младинските категории, за бенефиции на долги патеки, пишува „УЕФА директ“.
Претседателот на Европската фудбалска унија, Александер Чеферин, се согласува дека првите финансиски регулативи на УЕФА ја постигнале својата цел.
– Тие помогнаа да се извлечат европските фудбалски финансии од работ и го револуционеризираа начинот на кој се работи во клубовите. Сепак, еволуцијата на фудбалската индустрија, покрај неизбежните финансиски ефекти од пандемијата, ја покажаа потребата за целосна реформа. Измените ќе ни помогнат да ја заштитиме играта и да ја подготвиме за идни потенцијални шокови – рече, меѓу другото, Чеферин, пренесе „УЕФА директ“.