Две земји идната сезона ќе добијат по едно дополнително место во најсилното европско клупско натпреварување, и тоа првиот тим на првенствената табела надвор од загарантираните места за влез во ЛШ. За сезонава, според ефектот во минатата сезона, двете места ги добија Италија и Германија, за екипите што лани беа петти во тие првенства (Болоња и Борусија Дортмунд)
ФУДБАЛ
Во пресрет на осмото коло во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), Англија и Италија се на водечките две места на рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА), според кое две земји во идната сезона ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите.
Седумте клуба од Англија во сите три европски клупски натпреварувања досега имаат просек од 14,64 бода. Потоа на листата се Италија (13,06 поени од осум тима), Португалија (12,45 од пет екипи), Шпанија (11,85 од седум клуба), Белгија (11,5 од пет тима)…
Дополнителното место ќе го добие првиот тим на првенствената табела надвор од загарантираните места за влез во ЛШ. Така, од Премиер-лигата и од Серија А, на пример, тоа би биле тимовите на петтите места. За сезонава, според ефектот во минатата сезона, двете дополнителни места ги добија Италија и Германија, за екипите што лани беа на петтите места во тие првенства (Болоња и Борусија Дортмунд).
УЕФА го пресметува коефициентот на секоја земја врз основа на резултатите на клубовите во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига (КЛ). Сезонскиот коефициент се пресметува со собирање на бодовите освоени од сите клубови во една сезона во трите купа, а потоа се дели тој број со бројот на клубови од таа земја што учествувале во трите клупски натпреварувања на УЕФА. За ова рангирање се доделуваат два бода за победа (еден бод за квалификациски и за плејоф-натпревари), еден бод за реми (половина бод за квалификациски и плејоф-мечеви), а не се доделува бод за пораз.
На клубовите им се доделуваат и бонус-поени врз основа на нивниот пласман на табелата во лигашката фаза, па, на пример, клубовите добиваат 12 бода за првото место во ЛШ, шест за водечката позиција во ЛЕ, четири за првото место во КЛ, второпласираните добиваат 11,75 во ЛШ, 5,75 во ЛЕ, 3,75 во КЛ итн. Згора, на клубовите што ќе стигнат до осминафиналето, четврт-финалето, полуфиналето или до финалето им се доделуваат дополнителен 1,5 поен за секој таков пласман во Лигата на шампионите, еден поен во Лига Европа и половина дополнителен поен во Конференциската лига, пишува Европската фудбалска унија. Овие бонус-поени се вклучени и во пресметката на коефициентот на земјата. Н.М.