Фото: ЕПА

За мадриѓаните ова беше вкупно 18-то финале, а досега само трипати не успеаја да го подигнат славеничкиот пехар, притоа останувајќи непоразени девет финалиња во низа

ФУДБАЛ – РЕАЛ МАДРИД ПО 15. ПАТ ТРИУМФИРАШЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Шпанскиот клуб Реал Мадрид стигна до својата 15-та титула во најквалитетното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), откако со просечна игра со 2-0 го совлада бундеслигашот Борусија Дортмунд на „Вембли“ во Лондон пред 90.000 гледачи. За мадриѓаните ова беше вкупно 18-то финале, а досега само трипати не успеаја да го подигнат славеничкиот пехар, притоа останувајќи непоразени девет финалиња во низа.
Борусија Дортмунд, која настојуваше да стигне до својот втор триумф во ЛШ, беше многу подобра во првото полувреме, имаше неколку изгледни можности за гол, погоди и една статива, но Шпанците имаа среќа, па на полувремето се замина без голови. Реал Мадрид, сепак, стрпливо ја чекаше својата шанса, а таа им се пружи во 74-та минута, кога по изведениот корнер, Дани Карвахал со глава ја затресе противничката мрежа. Голманот на Германците, Грегор Кобел, по само шест минути, по вторпат мораше да ја вади топката од својата мрежа. Катастрофалната грешка на германската одбрана, умешно знаеше да ја искористи Винициус, кој го постигна вториот гол за конечна победа на Реал Мадрид и почетокот на големото славење.
– Беше многу тешко, повеќе отколку што мислевме. Борусија беше опасна во првото полувреме, создаваше многу шанси за гол, а со тоа и многу проблеми. Му дозволивме на Дортмунд да игра како што сака и затоа беше многу опасен. Во вториот дел губевме помалку топки, игравме подобро и победивме. Сонот продолжува – задоволно рече Анчелоти.
Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ, и покрај поразот, беше задоволен од својот тим и од тоа како одигра на „Вембли“.
– Покажавме одлична игра на теренот и заслуживме повеќе од пораз. Против најславниот тим во ова квалитетно натпреварување одигравме брилијантно, а со тоа му покажавме на целиот свет дека тука дојдовме да победиме, а не само да играме натпревар. Направивме многу добри работи, бевме блиску до успех, но ни недостигаше малку за да успееме. Одигравме добар меч, тоа е позитивното што треба да го паметиме. Во соблекувалната беше многу емотивно – изјави по мечот Терзиќ.
Реал Мадид во ЛШ досега славеше во сезоните 1955/1956, 1956/1957, 1957/1958, 1958/1959, 1959/1960, 1965/1966, 1997/1998, 1999/2000, 2001/2002, 2013/2014, 2015/2016, 2016/2017, 2017/2018, 2021/2022 и 2023/2024, додека Борусија Дортмунд само во 1996/1997. Г.И.


Модриќ, Карвахал Крос и Фернандез со историски успех

Победата над Борусија Дортмунд значеше и влез во фудбалската историја во ЛШ за четворица играчи на шпанскиот клуб. Имено, Лука Модриќ, Дани Карвахал, Тони Крос и Начо Фернандез по шести пат станаа европски прваци. Од нив, само Крос има еден трофеј и со друг клуб, минхенски Баерн. Со овој успех тие се израмнија со шпанската легенда Пако Генто, кој исто така има шест трофеи во ЛШ. Шанса да го зголемат овој рекорд во ЛШ со Реал Мадрид, ќе имаат Модриќ и Карвахал, оти и следната сезона ќе настапат за кралскиот клуб. Од другите, Крос ќе се пензионира, а Фернандез заминува од клубот.