Овој култен клуб, наводно еден од најмалите во германската Бундес-лига, не само што остана уникатен туку и напредува, а во дуелот утре е фаворит со богатиот сосед Херта, во необичното ривалство, со оглед на тоа што двата тима не одиграа
меѓусебен официјален натпревар до 2010 година

Унион Берлин е посебен делумно и поради тоа што не смета дека е посебен. Други се сменија, тие не. Резултатот на тоа е дека овој култен клуб, наводно еден од најмалите во германската фудбалска Бундес-лига, не само што остана уникатен туку и напредува, пишува „Скај спорт“. Откако во 2019 година првпат се пласира во Бундес-лигата, лани беше во горниот дел на табелата и сезонава игра во европска конкуренција, во Лигата на конференции. Таквиот подем го прави фаворит во дуелот со богатиот сосед Херта, утре, што е голема промена за навивачите, кои долго време уживаа во улогата на аутсајдери.
Мечот е дуел на две различни култури. Тоа е необично ривалство, со оглед на тоа што двата тима не одиграа меѓусебен официјален натпревар до 2010 година. Тоа е остаток од Студената војна кога симпатизерите на Унион имаа наклонетост и кон Херта, тој мистериозен клуб зад границата што не смееле да го гледаат. Но работите полека се менуваат.
– Порасна помлада генерација што не го видела ѕидот. Тие гледаат еден тим во сини, а друг во црвени дресови. Унион ја победи Херта во 2011 година и тоа го почна патот кон нормално фудбалско ривалство. Ако ги гледате нашиот буџет и големината на стадионот, нема сомнеж дека уште сме аутсајдери.

Не е како да се будиме секое утро мислејќи колку сме посебни. Ние сме тоа што сме, мислиме дека сме нормални. Другите клубови се тие што се различни – вели Кристијан Арбајт, кој има повеќе различни функции во Унион, кој по 11 кола во Бундес-лигата е на два бода до место на табелата што носи пласман во Лигата на шампионите.
Арбајт е и најавувач на стадионот, но таа улога е многу поинаква во овој клуб. Тој доаѓа до микрофонот само 20 минути пред почетокот на мечот.
– Ги поздравувам сите и ги претставувам тимовите. Тоа е намерно минималистички пристап, имајќи ги гледачите на ум. Тоа е време пријателите да поразговараат, да земат храна и да се напијат пиво, да пеат. Не им раскажувам приказни, не прикажуваме видеа и не правиме интервјуа. Фокусот е на луѓето на стадионот. Тие не доаѓаат да слушаат реклами и да гледаат работи што немаат врска со фудбалот. Доаѓаат да го гледаат својот тим и да навиваат за него. Ние сме единствениот тим во Германија без музика кога ќе се постигне гол. Веруваме дека кога вашиот тим постигнува гол е еден од најдобрите моменти во фудбалот. Зошто да пуштиме музика во тој момент? Луѓето треба да прослават како што сакаат. Многу се гласни, па нека го направат тоа. Колку помалку ние правиме, толку повеќе луѓето се чувствуваат способни да ги покажат сопствените емоции – вели Арбајт.

Во Унион, навивачите го направија стадионот одличен во буквална смисла. Две и пол илјади луѓе одработија 140.000 часа за да помогнат во обновата на стадионот при повторното отворање пред 12 години, кога клубот не можеше да си го дозволи тоа. Многумина имаат акции во него. Одржувањето на тие врски е предизвик за клубот што расте. Арбајт има голема улога во тоа. Тој е достапен во секое време, но и другите во клубот.
– Како навивач, ако имате идеја или поплака, можете да се паркирате на стадионот и, ако имате доволно време, можете да се сретнете со претседателот, тренерот, играчите, со сите. Луѓето, всушност, го прават тоа секој ден. Комуникацијата е лесна, тоа сите нѐ зближува – објаснува Арбајт.
Во Германија имаше финансиски стимулации за давање крв, па навивачите беа охрабрувани да го сторат тоа, а парите да одат во клубот. Тие буквално дадоа крв за каузата. Сега сето тоа е дел од митологијата на Унион.
– Тоа некако е историско. Тоа беше пред деценија или повеќе, но е битен дел од историјата на клубот. Тие моменти уште се многу важни и прават публиката да чувствува дека тоа е нејзин стадион. Клубот е сопственост на тие 2.500 што помогнаа да се изгради стадионот и на тие 5.000 луѓе со акции. Дури и ако немате удел и не сте го изградиле, знаете дека има многу луѓе околу вас што го направиле тоа – вели Арбајт.